Внедрување на Царството Божјо!

Пишува: Протопрезвитер Ивица Тодоров

Царството небесно прилега и на богатство сокриено во нива, што го нашол човек и го скрил, па, од радост за него, оди и продава сè што има, и ја купува таа нива.

Царството небесно прилега и на трговец, кој бара убави бисери; па, штом најде еден скапоцен бисер, оди и продава сè што има и го купува.

Царството небесно прилега уште и на мрежа, која се фрла во морето и уловува секакви риби; и кога ќе се наполни, ја извлекуваат на брегот и седнуваат, па добрите риби ги собираат во садови, а лошите ги фрлаат надвор. Така ќе биде и при крајот на светот: ќе излезат ангелите и ќе ги одделат лошите од праведните и ќе ги фрлат во огнена печка: таму ќе биде плач и крцкање со заби.” Исус ги праша: „Дали го разбравте сево ова?” Тие Му рекоа: „Да, Господи!”

(Мт 13, 44-51)

1. Првиот чекор во внедрување на Царството е покајанието, духовното будење, односно, стекнувањето свесност и сознание за тоа какви треба да бидеме пред и во Господа, а и какви не треба да бидеме!

Покајанието е духовната граница помеѓу живот во лага, самолага, грев и промашување и живот во вистина, созревање, смисла и радост!

2. Вториот чекор во внедрување на Царството е решеноста да ги откорнеме од себе, со помош и водство Божјо, сите оневозможувачи кои ни пречат успешно да чекориме по Патот на ослободувањето и созревањето за Царството! Најголеми оневозможувачи во нас се егоизмот, самозалажувањето, самооправдувањето, клеветењето, себичноста, алчноста, користољубието, гревовните навики и наслади, мрзеливоста, потребата за овосветска моќ и манипулација на другите и многу други!

Зашто, сè што е во светот, похотата на телото, желбата на очите и горделивоста на животот, не е од Отецот, туку од овој свет. А светот е минлив и похотите негови се минливи, а оној, што ја извршува волјата Божја, останува довека. (1 Јн. 2, 16-17)

3. Третиот чекор во внедрување на Царството е подготвеност и истрајност да се живее како Црква, односно, како заедница на ученици Христови во слава на Отецот небесен и во водство и во сила на Духот Свет!

Во однос на мотивацијата со која влегуваме во конкретна црковна заедница, таков ќе биде и квалитетот на нашиот духовен живот! Доколку во конкретна црковна заедница влегуваме само поради себе и за своја полза и корист, односно, со егосметка и егоочекување, а воопшто не се трудиме во заедницата да вложиме нешто од себе за другите, а во слава на Бога и за сведоштво на Царството, тогаш таквиот пристап личноста ја приведува кон духовна празнина, кон самозалажување, кон огорченост, кон нездрава / опрелестена духовност, а и кон губење на верата, таква, каква што личноста ја имала! Но, и самата Црква / конкретна црковна заедница трпи голема штета доколку поголем процент од нејзините членови во неа влегуваат без сериозни плодови од покајанието, а и со препознатлива или маскирана егосметка или егоочекување! Всушност, причинители на современата криза на христијанството и на Црквата се баш овој тип на „верници“ кои во верата и во Црквата не влегуваат мотивирани од Христос и неговото Царство, туку од своите нејасни психолошко-социјални егосметки и егоочекувања!

Царството Божјо е вечна љубовно-творечка заедница и во таа и таква заедница се влегува доколку Царството сме го внедриле во нас живеејќи плодоносно и созреано во конкретна црковна заедница!

А на секого му се дава во него да се пројави Духот за полза; оти, на еден му се дава преку Духот збор на мудрост, на друг збор на знаење, преку истиот Дух; на еден – вера, преку истиот Дух; на друг – дар за лекување, преку истиот Дух;

10. на еден – да чини чуда, на друг – да пророкува, на еден – да ги разликува духовите, на друг – разни јазици, на трет – да толкува јазици. Сето ова го прави еден и ист Дух, распределувајќи секому поодделно, како што сака. И како што е телото едно, а има многу органи, и сите органи од тоа тело, па колку и да се тие, едно тело се, – така е и Христос.

(1 Кор. 12, 7 – 12)