Што е вистина?

Пишува: Протопрезвитер Ивица Тодоров

Кога се обидуваме да ја објасниме вистината најчесто велиме дека таа е нешто што не се менува, односно, дека таа сведочи за суштини, закони, процеси и настани кои се такви – какви што се.

Вистината не трпи влијание, корекции или ограничувања. Вистината е иста, затоа што не зависи од човек, односно, истата може само да ја осознаваме, а не и да ја создаваме.

Само Оној Кој е вистина ја промислува, создава и благословува вистината во суштините, законите, процесите и настаните!

Бог е вистина! Тој е вистински! Тој е творец и заштитник на вистината за суштините, законите, процесите и настаните!

Што е лага?

Ако вистината е секогаш иста и не може да ја создаваме, лагата не е секогаш иста, затоа што е променлива по потреба, а и лагата може да ја создаваме, односно, да ја измислуваме според потребата и целта!

Лагата трпи усовршувања, влијанија, раширувања, а се со цел поуспешно да ја искривува или потиснува вистината!

Лагата е агресија врз вистината, врз истото, затоа што лагата и завидува и ја мрази вистината и секогаш има за цел себе си да се прогласи за „вистина“!

Бог не е лага! За Бог лагата е неприфатлива затоа што е разрушителна и отровна! Бог не е творец на лагата, зашто лагата го разрушува и труе сето она што Тој го промислил, создал и благословил во сите суштини, закони, процеси и настани!

Што е незнаење, а што е знаење?

Ако вистината и лагата може некако да ги објасниме со зборови, незнаењето и знаењето малку потешко!

Незнаењето е последица! Свесноста за незнаењето е врата кон знаењето!

Знаењето е осознавање на вистината, но и на лагата!

Знаењето е светлина на умот, храна за мозокот, созревање на чувствата, слобода и достоинство на личноста!

Во незнаењето свесноста и совесноста се или неактивни или збунети!

Во знаењето свесноста и совесноста се активни и цврсто насочени кон вистината, здравото, хармоничното и доброто!

Бог нè поттикнува да осознаваме! Бог е нашиот единствен вистински учител на вистинската вистина!

За знаењето за незнаењето и за послушанието

„И, земајќи го Господ Бог човекот, кого го создаде, го воведе во градината Едемска, за да ја обработува и да ја пази. И му заповеда Господ Бог на човекот и рече: „Од секое дрво во градината можеш да јадеш, освен од дрвото за познавање на доброто и на злото; од него не јади; зашто во оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш” (1. Мојс. 2, 15-17).

Воопшто не е лесно да се осознава за да се стекне вистинско знаење без послушание кон вистински и докажани авторитети!

Нашите прародители Адам и Ева пред падот имаа ум неосквернет од злото и од неговите пројави: завист, гордост, егоизам, суета, лажливост, потреба за властување над другите…, но и покрај чистиот ум и присуството на силата/благодатта на Духот Свет тие избраа да спознаваат без послушание кон Отецот небесен и избра, трагично, да го послушаат „таткото на лагата“ и така тие избраа да спознаат смрт и да постојат во незнаење!

Денес, илјадници години по трагичниот настан од спознавање на смртта!

Денес, над две илјади години од откупителната крсна жртва Христова!

Денес, над две илјади години од Педесетница, кога јадрото на Новозаветниот народ Божји – Црквата се исполни со силата и водството на Духот Свет и доби дарум совршено знаење за она што треба да биде осознаено!

Денес, кога имаме милиони свети сведоци за вистински да го разбереме и осознаеме животот, денес, за жал, многумина ја прават истата грешка како и нашите прародители, тие не се послушни на Отецот Небесен, туку на себе, поточно на оној, на „таткото на лагата“, кој скриен во збунетиот, гордоцентричен, острастен и Богозавидлив ум истиот го хипнотизира со страсто-угодливост, егопоклонство, лагоширење и смртоизбирање.

Оф, каква проклета и селукава лага која илјадници години лаже на ист начин: „Имај се себеси без Бог!“

А Бог, Отецот наш до ден денешен ни сведочи: Дај Ми се себеси за да се имаш за вечност!