Беседа на Цветници

Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Во својот историски живот нашиот Бог Исус Христос ни покажуваше со Својот личен пример како треба да постапуваме во нашиот живот. Исус Христос е Примерот на сите луѓе, Архичовекот, Првиот меѓу сите други, Единствениот Чист и Совршен човек Кој ни ги покажа вистинските и вечните човечки вредности. Постулатите на човечкиот живот ни ги постави и покажа преку личниот пример на сострадувањето со нас, живеејќи со нас грешните, трпејќи нè, како родител кој ги трпи своите чеда. Он е нашиот родител, а ние сме Негови чеда. Замислете колку е совршена таа Божја љубов, та грешните и несовршени луѓе ги возљубува. Та нели ние луѓето во нашите животи не ги сакаме другите луѓе кои се грешни, злобни, лоши, туку оправдувајќи се, ги мразиме, со причина дека тие биле расипани. Но, дали ние сме некаков пример на сите други луѓе? Каков е нашиот живот? Дали некој може себеси да се превознесува и да умислува дека е совршен, та имајќи желба да се покажува како пример на совршеноста? Можеме ли да блескаме со својот животен пример умислувајќи дека сме совршени? Каков пример сме ние?

Совршеноста е бесконечна категорија. Сè што е совршено е бесконечно и не постои тука на земјата! Совршеноста е Господов атрибут на бесконечноста. Господ е Љубов. Љубовта е совршена категорија која ја има во Себе нашиот Господ. Господ нè усовршува, Тој ни ја дава смислата на постоењето. Без Господа ние ќе се обесмислиме. Без Господа, ние ќе се самоуништиме. Самоуништувањето е неизбежно кога го нема изворот на суштината, изворот на постоењето. Колку и да се труди овој свет во своето обезбожено лудило да постои без помошта Божја, колку повеќе Го негира самиот Творец, толку повеќе се самоосудува на самоуништување, се самоосудува на вечно проклетство во ужасот. Ужасот и агонијата на страдањето е вечната тага, очај, самотија, животот во непостоење на смислата. Кога ќе кажеме во вечно непостоење, не мислиме на смртта и крајот на постоењето на едно битие, на една личност, не! Туку создаденото битие вечно ќе постои, но како? Битието кое го негира Господа и кое е самоосудено, ќе постои во вечноста спротивно од животот. Животот е Бог. Љубовта е Бог. Совршеноста е Бог. А постоењето во спротивната дијагонална страна е ништото, пропаста, бездната, стравот, лудилото, маката… Господ да нè сочува од ова. Но, од нас зависи што сме денес, каков пример покажуваме, и што ќе добиеме утре.

Господ Исус Христос го Воскресна Лазара, после четири дена во смртното постоење, после четиридневното пребивање во гробот, во смртта. Господ го Воскресна својот пријател и му го покажа на светот. Ја покажа Својата Божја моќ која има власт над смртта. Господ Кој го создава невидливиот и видливиот свет, Тој господари и владее над сè што постои. Господ им покажа на тамошните луѓе, а и преку сите тие луѓе и на нас кој сега живееме. Исус Христос ја покажа и својата мисија и својот иден план. Ете воскреснувајќи го Лазара, го потврди она што го говореше дека ако го срушат соломоновиот храм, тој за три дена пак ќе го подигне, но дека Тој е вистинскиот храм, во Него и преку него ќе се спасуваат луѓето, во Воскреснатиот Храм Божји, во Воскреснатиот Исус Христос. Но збунетиот народ, неможејќи да ги сфати Тајните Божји, да ги поими сите остварени чуда, не можел да ја сфати идната мисија и план. Затоа и често говориме дека треба да се молиме Господ да ни го отвори умот за да можеме да ги разбереме пораките и тајните поуки Божји.

Господ од Витанија ита кон Ерусалим во својот последен животен период во историјата. Ете самостојно ита да се жртвува за целиот човечки род. Ита за да ги победи двата принципа на човечкото уништување, а тоа се лукавиот и смртта. Овој пат Господ влегува во Ерусалим на еден необичен начин. Тој претходно кога влегувал во Ерусалим, влегувал пеш, но овој пат влегува јавајќи магаре. Им кажува на учениците да одат на определеното место и да го земат магарето кое е наменето за Господа. Преку луѓето пак, чие е магарето, се бунат и демоните, возбудувајќи ги, во негодувањето и расправија, зошто се зема тоа магаре. Демоните насетувале и се плашеле од исполнувањето на пророштвата кои се однесувале на Месијата. Но Господ претходно во своето делување, вешто се сокривал од евентуалното откривање на Својот идентитет, на Својата Божја Личност. Порано од определеното не смеело да се открие Христовиот идентитет, за да лукавиот не го открие планот, та да го расипе порано од планираното. Исус пророштвата ги остварувал етапно, постепено, пазејќи да се исполни и оствари целиот план и сите пророштва. Учениците го земаат магарето подучени од Христа што да кажат, и навистина дека преку Божјата сила, апостолите го донесуваат, победувајќи ја опасноста. Магарето ги претставува сите други народи кои биле друговерници, но Господ ќе ги оседла, ќе ги насочи, ќе ги оседла со благодатните добродетели, одврзани преку крштението од претходното место каде што биле заврзани, надвор од црквата, надвор од заедницата со Господ. Сега веќе на сите луѓе им се дава смисла и суштина, преку можноста за спасение. Човекот отпаднал од царското достоинство и им се придружил на неразумните животни. Но, Господ доаѓа да ги ослободи помрачените, болните, грешните, да им дари вечен живот, да им дари љубов. Магарето му се потчинува кротко на Бога, парадигмата на ова е дека гревовниот човекот се потчинува, се смирува, посакува лекување на својата душа, одејќи смирено во животот, преку помошта Божја, доспева до целта, до страдањето и Воскресението за вечен живот.

Патот кон Ерусалим за нас луѓето е суштината на битисувањето. Страдањето кое го искусува Господ, е пример за секој човек во својот земен живот – нашето страдање како прочистување и како подражавање на нашиот Господ Исус Христос. Но, целта е Воскреснувањето.

Влегувањето во Ерусалим е торжествено и свечено. Господ влегува како Цар, како победник. Сите луѓе ликуваат, се радуваат, пеат и носат палмови гранчиња. Мнозина ги простирале своите облеки пред патот по којшто врвел Исус. Луѓето сведочеле за Исуса дека Тој навистина е голем човек и нивни Цар. Но сепак виделе и дека Тој не доаѓа со моќна сила за да се зацари во Ерусалим, за да ги отфрли римјаните кои се узурпатори на Давидовиот престол, како моќни поробувачи. Но сепак влегувањето било со слава и величие кое го направил народот. Тој прост и неук народ, кој бил поробен, кој го чекал определеното Божјо спасението преку читањето на пророчките книги, го препознаваат Исуса како Божји пророк, како Божји човек и го слават. Ги постилаат своите облеки, покажувајќи покорност и спремност да го положат својот живот пред Господа и да направат нов почеток. Го слават со зборот Осана, кој ја означува славата Божја. Го слават и воспеваат Господа кој конечно ја покажува Својата милост да го избави Својот народ од ропство, прогонство и тиранија. Евреите Го замислувале Месијата како моќен владар, Кој ќе ја оствари нивната нова, конечна држава во светот, во земскиот живот. За нив спасението значело дека ќе живеат во светот во својата држава, радувајќи се и веселејќи се во материјалните добрини, во материјализмот, во изобилството. Народот мислел и верувал дека смислата на постоењето на човекот е во живеењето во земното изобилство, во остварувањето на својата држава во економското изобилство, во хедонизмот. Но и денеска исто така, луѓето сметаат дека земското богатство е целта на човечкото постоење. Од секогаш луѓето не бирале средства за да ја постигнат целта на земското уживање, во материјализмот и хедонизмот. Но, и покрај поседувањето на материјалното изобилство, човекот е тажен и психички обесмислен.

Тагата денес се шири како епидемија, човекот е сè повеќе во меланхолија, во депресија и како најстрашна крајност – во очај. Сè повеќе сме сведоци на човечката горчина која се шири помеѓу луѓето, како епидемија на болест, немајќи државни граници. Тоа ни докажува дека луѓето се меѓусебно поврзани во човечкиот организам. Кога еден член страда, сите страдаат, Кога еден дел од телото страда, целото тело страда. Денес сè повеќе луѓето прибегнуваат во користење на антидепресиви, во пронаоѓањето на утехата, ублажувајќи ги своите душевни страдања. Прибегнуваат кон лекови кои не можат да ги исцелат, не можат да им ја дадат потребната утеха. Утехата е духовна категорија во личноста. Личноста е разумско битие кое е во взаемен контакт, во однос со другите личности, со другите луѓе. Но, не во безличен контакт на телесната блискост, туку односот за којшто говориме е втемелен во слободна, искрена и љубовна комуникација со луѓето. Доколку немаме љубов во себе, не можеме да бидеме личности. Личност е човек кој љуби, кој ја изразува љубовта кон светот, кој светли и блеска како светлост во мракот. Љубовта е потребна за да исчезне тагата. Но, каде е љубовта? Љубовта е нашиот Господ Исус Христос, нашиот Архетип, нашиот образец, сеопштиот пример за доброто, за убавото, за совршеното.

Нека нè посети и нас Господ Бог Исус Христос, нека нè утеши, нека ни дари љубов, нека нè охрабри да го чекориме овој живот на искушенија, во радоста и расположението, чекорејќи кон Господа, кон Ерусалим, кон Спасението. Амин.