„Како пролет ни засветли – светлото Господово и божествено воскресение, од земната кон небесната Пасха преведувајќи нè. Со неа, пак, ни сјае светлозарниот спомен на сеславниот Маченик Георгиј, што светло го извршуваме, за да се удостоиме за божествената благодат од Спасителот Христа“ (светилен на Утрена на св. вмч. Георгиј Победоносец).
На третиот ден од прославата на Воскресението Христово, еден ден по чествувањето на споменот на Светиот Великомаченик Георгиј победоносец, во Струга беше одржана традиционалната Ѓурѓовденска литија.
Како и секоја година, прославата на овој ден започна во утринските часови, во храмот „Св. вмч. Георгиј“ во Струга, со света архиjерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј.
Во попладневните часови, во дворот на храмот „Св. вмч. Георгиј“, беше отслужена Вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на Нивните Преосвештенства Епископот Дремвитски Давид и Епископот Антаниски Партениј.
По завршувањето на Вечерната, беше отслужен помен за сите порано упокоени ктитори, свештенослужители, служители и за сите оние кои помагале во овој свет храм, а потоа, верниот народ, предводен од архијереите, носејќи ги светите мошти на Светиот Великомаченик Георгиј, и чудотворните икони на светителот и на Мајката Божја, тргна низ улиците на Струга.
Во оваа прилика Митрополитот Тимотеј му се обрати на верниот народ со пригодна беседа, којашто ја пренесуваме во целост.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Христос воскресе!
Скапа е во очите на Господа смртта на Неговите светии (Пс. 115, 6). Овие зборови, изговорени од старозаветниот пророк и цар Давид, ни даваат повод да кажеме неколку збора за животот и маченичкиот подвиг на светио Георгиј Победоносец, чиј спомен денеска светата Црква го прославува, а и на кого е посветен овој свет храм.
Сите светии во месецословот светат со духовна светлина за духовно просветлување на луѓето, така како што светат небесните ѕвезди на небесниот свод и ја распространуваат својата светлина во текот на ноќта по планините, полињата и морињата, и им ги покажуваат патиштата на бродовите, возовите и авионите. Оваа аналогија не е моја. Ја направил големиот житиеписец Симеон Метафраст. Јас, пак, денеска ќе земам неколку мисли од житието на св. Георгиј, за да го задржам вашето внимание на овој Божји угодник. Зашто како што ѕвездите од небото го осветлуваат целиот поднебесен свод, и ја озаруваат земјата, и ги осветлуваат сите патишта, така Божјите угодници од небесниот свод ги осветлуваат патиштата на севкупниот човечки род. И покрај тоа што не им ги знаеме имињата на сите поради нивното мноштво, ние ја ползуваме нивната светлина, без разлика дали тие се наоѓаат во нивните гробови или во некои недостапни места. Сепак, нивната сила во поднебесните предели е неограничена, и ние се восхитуваме на славата со која Бог ги прославил преку вековите оние кои Нему Му угодиле.
Таква незаодна ѕвезда е и овој голем Божји светија, великиот маченик Георгиј. Овој Божји угодник на сите ни е добро познат со своите добродетели, а уште повеќе е познат како голем маченик и страдалник за името Христово. Иако имал големи воени позиции, од него се барало да се откаже од Христа, но св. Георгиј повеќе сакал да избере страдање и мачеништво, отколку да се откаже од својот Господ Бог. Така и маченички го завршил својот живот, жртвувајќи ја својата младост, блескавата воена кариера, богатството и сите останати благодети од овој свет, и само заради името Христово и верата православна. Но, затоа, пак, Бог го прославил, и иако се поминати толку векови, неговото име постојано се прославува по сите континенти и меѓу сите народи.
Ние сега се наоѓаме во светиот храм, на местото каде присуствува Бог. Кога Светиот Дух ќе се допре до човековото срце, тоа постанува свјатаја свјатих. Вревата од овој свет, и нашите страсти, гревови и гревовни помисли тука се умртвуваат и во нашето срце постанува голема тишина. Тогаш ние можеме да Го почувствуваме во нашите срца Исуса Христа, но само доколку живееме според Неговите зборови. Ако помеѓу животот и молитвата има прекин, тогаш молитвата не е вистинска и ние сме лажливци. За да биде нашата молитва вистинска, ние сме должни да се учиме да бидеме искрени и да зборуваме правда. За да биде нашата молитва – молитва на Вистината, потребно е таа Вистина да постане стремеж преку целиот наш живот и во сите наши дела, зборови, помисли, и нашиот збор да не се разидува со нашите дела. Да се молиме во дух и вистина, значи да се молиме не само со зборовите од молитвата туку тоа да го чувствуваме во срцата и да проникне во умот. Многупати, читајќи го молитвеното правило, ние не разбираме што сме читале, за што сме се молеле и кон Кого сме се обратиле. Затоа е потребно да ги читаме внимателно молитвите напишани од светите отци, и тогаш тие нема да ни бидат туѓи. Тие ќе постанат дел од нашата душа. Да се молиме значи сиот свој живот да го посветиме за добивање на Светиот Дух, и да се оддалечуваме од сето она што може да ја оскверни нашата душа. Да се молиме со духот, значи да го пробудиме нашиот заспан дух и да го доживееме уште тука воскресението од мртвите. Господ вели: Но, иде време и веќе дошло кога вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на Отецот во дух и вистина, зашто Отецот сака такви да бидат оние кои Му се поклонуваат (Јн. 4, 23). Таквите молитвеници од овој свет се драгоцени пред Бога како пронајдено злато помеѓу парчиња земја и камења.
Некои во недоумение прашуваат: ако нашето срце е храм Божји, тогаш потребно ли е да се посетуваат храмовите и зошто? Но, во храмот таинствено присуствува и Самиот Господ. Во храмовите на мистичен начин и симболично преку свештените обреди се доживуваат сите настани од Светото писмо. На празниците во храмовите ние ги доживуваме сите тие големи собитија кои го возродиле и спасиле човештвото. Ние, пребивајќи во храмовите, со својот дух активно учествуваме во сите настани коишто ги доживеала Црквата. Затоа и св. Јован Златоуст, обраќајќи се од амвонот, вели: Вие не сте подалеку од Исуса Христа од оние кои Го виделе за време на Неговиот земен живот и се допирале до Неговите алишта.
И ние, денеска, кои се наоѓаме во дворот на овој свет храм, а прославувајќи го св. вмч. Георгиј, да се обратиме со искрена молитва кон него. Светиот Георгиј да се моли на Господа Бога за зацврстување на нашата вера, вера пропратена со добри дела, па и ние нашиот живот да го поминеме во молитва и со добри дела. Така да измолиме милост Божја за спасение на нашите души и Царство небесно. Амин.
Митрополит Тимотеј
Храм „Св. Георгиј“ Струга
07.05.2024 г.
Извор: https://www.dke.org.mk/index.php/3660-svechena-litija-eordija-vo-struga24