Црковен Вилнус е на работ на раскол. Во Литванија, покрај Вилнуско-литванската епархија на Руската православна црква, сега дејствува и Цариградска егзархија.
На ново место
Свештеникот е од една религиозна структура, паствата е од друга, а сите се молат во храм што припаѓа на трета. Како што се покажува, и тоа е можно. Барем во Вилнус.
На навечерието на Рождеството Христово (кое е на 7 јануари според јулијанскиот календар) таму пристигна јеромонахот Јустин (Кивилоо) од Естонската апостолска црква (ЕАПЦ) на Цариградската патријаршија. Пред неколку месеци тој дозна дека е поставен за егзарх во главниот град на Литванија. Јавноста за тоа беше информирана само неколку денови пред неговото пристигнување.
Градот не беше подготвен за средбата со високиот гостин. Немаше ниту храм. За помош се обратија до локалните католици – а тие, за првата литургија љубезно го отстапија храмот Света Троица, во главниот град. Но, беа потребни и парохјани и свештенство.
Некако се најдоа и тие – доброволци од локалната Вилнуско-литванска епархија на Руската православна црква. Сепак, сè уште не е можно да се свештенодејствува. Оставајќи ја настрана комичноста на религиозниот еклектицизам, ситуацијата во балтичката република е сериозна. Постои јасно прекршување на каноните. Едноставно кажано, две паралелни православни структури не може да постојат во една држава. Но, Цариград го жртвуваше духовното заради световното.
Пролетта 2022 г., пет свештеници од Вилнус, во контекст на настаните во Украина, повикаа да се преиспита канонската припадност на Литванија. Тие предложија преминување во јурисдикцијата на Фанар (област во Истанбул, каде што се наоѓа резиденцијата на Цариградскиот патријарх).
Црковниот суд ги обвини за „прекршување на заветите”, непослушност и учество во кампања за дискредитација на Руската православна црква и браќата. Надлежниот архијереј, митрополитот Инокентиј (Василиев) ги расчини бунтовниците. Мнозинство верници имаат негативен став кон идеите што тие ги шират, – истакнал тој.
Меѓутоа, тогаш Цариградскиот синод ги востанови во чиновите сите петмина, со објаснување: причините за нивното казнување „воопшто не произлегуваат од црковни критериуми”, целиот проблем е во ставот на клириците во однос на украинскиот конфликт.
Раководството на Вилнуската епархија не ја призна оваа одлука. Расчинувањето не е дисциплински, туку религиозен акт. Конечно е и неотповикливо. Не е можно расчинетите да бидат е вратени во чин: тие се лаици и ќе останат такви, „дури и ако се дрзнат да облечат црковни одежди”.
Балтички синдром
Една година подоцна, вселенскиот патријарх Вартоломеј ги посети своите новопотчинети. На крајот на март 2023 г. тој изврши официјална посета на Литванија. За време на средбата со премиерката на земјата, Ингрида Шимоните, беше потпишан договор за соработка.
„Документот предвидува и поттикнува поблиски врски во различни области од заеднички интерес. Пред нас се отвора нова перспектива и можност за заедничка работа за создавање на егзархија”, – изјави тогаш Вартоломеј.
Шимоните, пак, истакна дека за тоа постојат силни историски причини. Локалните верници уште од XIII век припаѓале на Киевската митрополија. Таа пак, била потчинета на Цариград. „Дури при крајот на XVII век, Московскиот патријарх, откако добил право да го ракополага избраниот Киевски митрополит, во согласност со „најдобрите царски традиции”, решил целосно да завладее со Киевската митрополија, а наедно и со литванското православие”, – изјави премиерката Шимоните.
Руската православна црква тоа го оцени како обид за уривање на црковното единство.
„Ова е логично продолжување на претходното замешување (на Фанар. – бел. на РИА) во Украина, на основањето на расколничката ПЦУ (Православна црква на Украина. – бел. на РИА)”, – коментира протојереј Николај Балашов, советник на Московскиот патријарх.
Интересно е тоа што Украина не е првата земја во која Цариград извршил „инвазија”. На пример, во Естонија, од каде што дојде новиот литвански егзарх, локалните заедници станале автономни во рамките на Руската црква во 1920 г. Сепак, и тогаш дел од свештенството изрази желба да преминат под омофорот на Фанар, кој им „даде зелено светло”.
Ситуацијата се смени во 1940 г. Естонија стана дел од СССР, сите заедници се најдоа во Московската патријаршија, а самоуправниот статус беше укинат. Локалната структура стана обична епархија на Руската православна црква. По распадот на СССР, патријархот Алексиј II повторно ја потврди самостојноста на Естонската црква (ЕПЦ), издавајќи соодветна грамата во 1994 г. Сепак, една година подоцна, Вартоломеј ја создаде Естонската апостолска православна црква (EAПЦ), што предизвика конфликт.
Како одговор, Москва го прекина канонското заедничарење со Цариград. По неколку месеци постигнаа консензус: беше договорено парохиите сами да изберат под чија јурисдикција ќе бидат. Како резултат на тоа, Естонија живее во режим на црковно двовластие повеќе од 30 години.
„Пред целта”
Во Литванија страните сѐ уште се обидуваат да играат според правилата. Уште во јуни 2022 г., митрополитот Инокентиј побара од Москва да му даде автономија на неговиот духовен предел – административна и економска самостојност, каква што има, на пример, канонската Украинска црква.
Навистина, синодот на Руската православна црква го одложи тоа до Архијерејскиот собор, којшто немаат намера да го одржат во блиска иднина.
„Се надевам дека стигнавме пред целта… Веќе имаме устав… Потоа ќе го доставиме овој документ до владата. Се надевам дека за еден месец … ќе бидеме регистрирани”, – изјави егзархот на Цариградската Патријаршија Јустин (Кивилоо) во разговор со новинарите.
Тој сега има три главни задачи. Првата е – зголемување на паствата. На првата богослужба на отец Јустин, освен екс-свештениците, присуствуваа малкумина. Втората е – места за богослужба.
„Во Литванија – слушнав за тоа – зборуваат за одземање на руските цркви. Јас сум категорично против тоа. Треба да изградиме свои”, – изјави егзархот.
Но, потребни се значителни средства – тоа е третата задача. Киволоо верува во поддршката од „добрите луѓе” како и од домашните и странски спонзори. Инаку, литванската власт има и алтернативен начин да најде пари за Цариградската егзархија. По регистрацијата, државата ќе почне да доделува субвенции – кои ги добива и Вилнуско-литванската епархија. Според тоа, во иднина ќе може да се скратат средствата за финансирање на една верска организација, а да се зголемат за друга.
Според мислењето на заменикот на претседателот на Центарот за политички технологии, Алексеј Макаркин, државата најверојатно нема да го заострува конфликтот и нема да започне да врши притисок врз литванското свештенство.
„Тие имаат добри односи – немаат поголеми ексцеси или спорови во последниве години. Прилично тешко е да се одземат црквите од Литванската епархија – таа ги поседува како сопствен имот”, – објаснува експертот.
А најважно, продолжува тој, свештенството и паствата на митрополитот Инокентиј јасно кажаа: тие немаат намера да раскинат со Москва, туку би сакале да го повишат својот статус до „автономија”. До свикувањето на Архијерејскиот собор на Руската православна црква, ова прашање ќе виси во воздух. Од своја страна, и Цариград зазеде внимателен пристап – мора да видат колку профитабилна ќе се покаже аферата со литванската егзархија.