Пишува: Јарослав Нивкин
Грчкиот презвитер Анастасиос Гоцопулос смета дека во Православието е невозможен системот на папизмот, според кој еден човек владее над сите.
Грчкиот богослов и презвитер Анастасиос Гоцопулос, во интервјуто за СПЖ, објасни дали е возможно да се свика Сеправославен Собор во врска со украинскиот проблем, без согласност на Цариградскиот Патријарх. Тој истакна дека, во Православната Црква, лекувањето на расколите и на поделбите секогаш се правело соборно.
„Ние, православните, се гордееме со нашата соборност. Ние не го прифаќаме системот на папизмот, според кој над сите владее еден човек, кој не води сметка за никаков собор на епископи. И овој сериозен проблем, што постои сега, треба да се решава соборно, односно синодално“ – вели богословот.
Тој смета дека овластувањата во врска со Сеправосланиот Собор му припаѓаат на Цариградскиот Патријарх. Меѓутоа, доколку тој одбива да го стори тоа, тогаш може да постојат и други варијанти. Отец Анастасиос потсети дека до Големиот раскол (1054 г. – отпаѓањето на Римската црква) прв по чест бил Римскиот папа. И токму тој требало да го свика Петтиот вселенски собор. Меѓутоа, кога Папата Вергилиј одбил да го стори тоа, тогаш Соборот го одржале без него, а на Папата му наложиле епитимија.
Слични случаи имало со Константинополскиот Патријарх Несториј на Третиот вселенски собор, со Константинополскиот Патријарх Македониј на Вториот вселенски собор и со Александрискиот патријарх Диоскор на Четвртиот вселенски собор. Нив ги поканувале, но тие не се појавиле, па за тоа биле осудени.
„Со други зборови, Соборите не можат да не се одржуваат само затоа што во нив одбива да учествува првиот по чест“ – потенцираше богословот. Според неговите зборови, соборноста на Црквата ја засега самата срж на нејзиното битие и „таа не може да биде укината по нечија зла волја“.
„Црквата живее според своите закони, па доколку во неа никнуваат проблеми, тогаш таа тие проблеми ги отстранува. Ако ги остави без да им обрне внимание, тогаш тие само ќе се засилуваат. А тоа ние го гледаме последниве четири години. Расколите и поделбите сѐ повеќе се засилуваат. Имаме сериозни проблеми во Африка, кои одненадеж се појавија. И понатаму ќе се појавуваат сѐ понови и понови проблеми. Мислам дека повеќето православни сакаат да биде свикан Сеправославен собор, за да бидат решени сите актуелни проблеми на Црквата“ – изјави грчкиот свештеник.