Пишува: Константин Фламис
Дури веќе и расчинување му се заканува на свештеникот Анастасиос Гоцоплулос, кој, со интервјуто што го даде за еден интернет канал и сајт,* не само што се изјасни како поборник за Руската Црква, за Путин итн., туку уште еднаш изјави дека не го признава Киевскиот Митрополит Епифаниј, сметајќи го… за еретик (прекршувајќи ги одлуките на Црквата на Грција), но и омаловажувајќи го Патријархот Вартоломеј, кого (заедно со други, наводно православни, фанатици од Патра) континуирано го има на нишан.
Митрополитот на Патра Хризостом го обвинува о. Анастасиос за следново:
Тој изјави дека изразува подршка и почит кон поранешниот Киевски Митрополит Онуфриј и кон неговите верници, кои… „страдаат маченички“ (русофили). Прифаќа дека Онуфриј (кого не го признава Црквата на Грција) го спомнува Московскиот Патријарх. Изразува лични ставови, и тоа игнорирајќи ги одлуките на Црквата на Грција за украинското прашање, и континуирано се става на страна на Московскиот Патријарх и на поранешниот Митрополит Онуфриј, кој е русофил.
Митрополитот на Патра, во неговиот повик кон него за одговорност, нагласува:
„Покажувајќи на тој начин недопустлив црковен етос и антицрковно однесување, како што постојано правиш во повеќе наврати, и покрај нашите, преплавени со љубов, укажувања. Со тоа покажуваш непослушност кон твојата претпоставена црковна власт. Игнорирајќи ги, пак, одлуките на Светиот Синод, донесени во 2019 година во врска со црковното прашање на Украина, ти нив не ги прифаќаш. Меѓутоа, за среќа, а за твоја жал, нашата Света Црква се управува со синодален систем, во Светиот Дух. За горенаведениот канонски престап е предвидена казна, односно за непослушност кон надлежниот епископ, во случајов кон мене, кој се сообразувам со одлуката на архијерејскиот Собор на Црквата на Грција, кој ја признава автокефалноста на Црквата на Украина, чиј поглавар е Митрополитот Епифаниј. Треба да се нагласи и дека повеќекратно имаш паднато во горенаведениот канонски престап, бидејќи наведеното интернет – интервју го имаш дадено без дозвола од твојот епископ. Впрочем, тоа отсекогаш било твоја карактеристика. Но и генерално, со наведеното твое недолично однесување, ти ја пренебрегнуваш надлежната црковна власт. Тоа е престап, за кој е предвидена казна. Потоа, со одговорите што ги даде за признавањето на автокефалијата од страна на Вселенската Патријаршија, ти непосредно го обвини Сесветиот Вселенски Патријарх Вартоломеј. Тоа е престап што се казнува со расчинување: ако некој клирик го навреди епископот, да биде расчинет.“
Митрополитот на Патра продолжува:
„Со одговорите што ги даде, ти паѓаш во сериозни канонски престапи, бидејќи, од една страна, повеќекратно пристапуваш кон навреда на Блаженејшиот Вселенски Патријарх, изедначувајќи го со еретикот Несториј, со Македониј и со латиномислечкиот Митрофан. А, од друга страна, јавно поттикнуваш и повикуваш на извршување канонски престапи, односно на свикување Сеправославен Собор, кој би бил свикан од некомпетентен Патријарх, правејќи со тоа канонски престап – навреда. Со одговорите што ги даде за Митрополитот Епифаниј, кого го сметаш за лажен епископ, и за автокефалната Црква на Украина како лажна Црква, ти го направи престапот – соблазнување на верниците.“
Митрополитот го повикал о. Анастасиос Гоцопулос да даде одговор, во вторник, 23 јануари, за следниве три сериозни престапи:
Последователна непослушност и пренебрегнување на надлежниот епископ, последователно навредување на Константинополскиот Патријарх и последователно соблазнување на верниците.
Се очекува одлуката на Митрополитот и казната на о. Анастасиос.
*Спомнатото интервју, поради кое о. Анастасиос Гоцопулос е повикан на одговорност, може да се погледне тука: https://www.youtube.com/watch?v=alFLxuRAcMo, а извадоци од истото може да се прочитаат тука, тука и тука.