Десетте правила (заповеди) беа составени во контекст на Националниот ден на културата и на одбележувањето на 174- годишнината од раѓањето на Михаи Еминеску, којшто е сметан не само за најбитен национален поет, туку и за новинар на Романија.
1. Биди апостол на комуникацијата (известувањето), сличен на ангелите – возносители на Божјото слово, за Неговата благодат да ти го восоврши делото.
2. Промовирај ја вистината и не дезинформирај од наивност, од малку знаење или од зловерие, и биди свесен дека за секој искажан празен збор ќе одговараш на Судниот ден.
3. Изразувај се критички, но аргументирано, префинето и непристрасно, со цел: твоите постапки да имаат конструктивна улога и да придонесуваат во формирањето на релевантни мислења.
4. Остро отфрли секаков вид на дискриминација, притоа осигурувајќи се да не бидат потиснати слободата на мислење и на изразување.
5. Секогаш биди непристрасен, чесен и лојален на новинарските принципи, строго почитувајќи ја деонтологијата на ширењето на информацијата.
6. Не искривувај ги информациите; не изразувај се тенденциозно и не засегнувај ничие достоинство, туку работи со благоверие и со професионализам.
7. Твојот углед нека биде стекнат преку твоите професионални и морални квалитети; и не засновај си ја твојата кариера врз: злоупотреба, клевета, манипулација, потрага по сензационализам, плагијат или врз други несоодветни практики.
8. Отфрли какво било вмешување коешто би можело да ти ја наруши новинарската дејност или однесувањето, компромитирајќи ја и твојата кариера.
9. Не запаѓај во искушението во јавниот простор да објавуваш непроверени информации, туку секогаш внимателно истражи ја точноста и релевантноста на сето она што го изнесуваш јавно (го обзнануваш).
10. Во твоето пишување „капни“ нешто и од твоето битие, за секогаш да биде пријатно [за читање] и „зачинето со сол“; и никогаш не заборавај дека како што Словото Божјо е самиот Бог, така и словото на човекот е самиот човек.
Извор: https://www.arhiepiscopiasucevei.ro/decalogul-jurnalistului/