Полниот состав на Светиот Архијерејски Синод на Црквата на Грција заседаваше на вонредна седница, денес, вторник, 23 јануари 2024 година, со единствена тема – најавената законска регулатива за брак и „посвојување деца“ на истополови парови.
По молитвата за почеток на седницата, Светиот Архијерејски Синод го ислуша излагањето на Високопреосвештениот митрополит Месогејски и на Лавреотики г. Николаос, после кое следеше дијалог кој едногласно ги искажува позициите на Црквата на Грција по ова прашање, на следниов начин:
1. Теологијата на Црквата за бракот произлегува од Светото Писмо, учењето на Светите Отци на Црквата и уредбите на Светата тајна брак и јасно се гледа во Последованието на оваа Свето таинство. Целта на христијанскиот брак е создавање на добро сопружништво и семејство, воспитување на деца како плодови на љубовта во Христа на двајцата сопружници и нивно поврзување со црковниот живот.
Црквата за односот меѓу маж-жена и деца прифаќа дека:
а) двојството на половите и нивното взаемно дополнување не се општествени изуми, туку потекнуваат од Бога („… и Бог го создаде човекот, според образот Божји ги создаде, машко и женско ги создаде. И Бог ги благослови. велејќи: „Зголемете се и множете се…“, Битие 1, 27-28);
б) светоста на соединувањето на мажот и жената се однесува на односот меѓу Христос и Црквата („… кој ја сака својата жена се сака себеси… тоа е голема тајна, но јас зборувам за Христос и за Црквата“, Св. Павле, До Ефесјаните 5, 28);
в) Христијанскиот брак не е обичен договор за соживот, туку Света тајна, преку која се добива Божја благодат во односот на заедница меѓу мажот и жената со цел – заеднички пат кон обожението, а овој благословен пат се однесува сите парови, со или без деца;
г) таткото и мајката се составни елементи на детството и животот на возрасните („Почитувај ги татко ти и мајка си“, Исход 20, 12).
2. Очигледно дека државата ги одредува законите, но ова ниту ја лишува Црквата од слободата на говор, ниту ја ослободува Црквата од должноста да го информира верниот народ, ниту [државата] може да одредува што е грев [а што не е]. Црквата не донесува закони и не е одговорна за законите. Меѓутоа, ако молчи, сноси тешка одговорност и се самоуништува.
3. Од 2015 година, договорот за соживот на истополовите парови им ги обезбедува сите права и можности како и бракот, со главен исклучок – можноста за добивање деца преку посвојување или сурогат бременост. Слоганот „еднаквост во бракот“ има една цел – добивање деца од „истополови парови“.
4. Беше објавено дека ќе се дозволи на „истополов брак“ и „истополово родителство“ преку посвојување и преку (различни видови) сурогат мајчинство. Иницијаторите на легислативата и нејзините поддржувачи промовираат укинување на татковството и мајчинството и нивно претворање во неутрално родителство, исчезнување на улогите на двата пола во семејството, а над интересите на идните деца ги поставуваат сексуалните избори на возрасните хомосексуалци. Според предлог-законот, истополовите самохрани родители ќе можат да го наметнат својот партнер како „татко 2“ или „мајка 2“ на своето дете.
5. Оваа законска иницијатива ги осудува идните деца да растат без татко или мајка во средина на конфузија на родителските улоги. Семејството со еден родител е различен случај од ова. Таму постои лишување од еден родител, но не и конфузија на родителските улоги. Спротивно на тоа, хомосексуалниот соживот ги предизвикува и двете овие работи. Покрај тоа, овие деца често нема да имаат можност да го запознаат нивниот друг биолошки родител. Тие, исто така, нема да имаат лично искуство на присуство на другиот пол (спротивниот од нивните „истополови родители“) во хетеросексуална врска. Децата со татковци 1 и 2 или мајки 1 и 2 (или повеќе) ќе бидат жртви на еден неприроден механизам на добивање деца.
6. Објавено е дека: а) ќе им се дозволи на „истополовите парови“ заедничко посвојување и посвојување од „истополовиот брачен другар“ на родителот (ќе важи и за денешните деца од сурогат мајчинство), б) во Грција нема да биде дозволена сурогат-бременост за „истополови парови“, но таа ќе биде признаена доколку тоа е направена легално во друга држава. Овие одредби ќе поттикнат експлоатација на ранливи жени.
Доколку важи горенаведеното, тогаш станува збор за предлог-закон миниран со противречности и со начини за заобиколување на неговите забрани (преку бремености во странство) и веројатно е Грција да биде осудена од Европскиот суд за човекови права поради дискриминација, во кој случај земјата ќе биде принудена да донесе закони за сурогат бременост и на свое тло.
7. Предлог-законот ги укинува не само правилата на биоетиката, христијанските вредности и грчката семејна традиција, туку ги поништува правата на идните деца и родовите улоги како елементи кои ја сплотуваат заедницата – и тоа ги засега сите, дури и ако не ја прифаќаат христијанската етика. Прашањето кое останува неодговорено конечно е: Која е суштинската причина за оваа одлука која целосно и радикално ја менува институцијата брак и статусот на родителство и зошто таа се промовира со таква упорност?
8. Грчката црква ја признава само Светата Тајна на христијанскиот брак и го отфрла граѓанскиот брак без разлика на полот. Во овој случај, таа се спротивставува на граѓанскиот брак на „истополови парови“ со дополнителна причина, бидејќи тоа неизбежно води до „истополово родителство“ преку посвојување или сурогат мајчинство. Оваа легислатива е во судир како со христијанската антропологија, така и со должноста на општеството да им обезбеди на децата благосостојба и правилно воспитување, но и со правото на децата да имаат татковско и мајчинско присуство и грижа. Од сите горенаведени причини и со чувство на пастирска одговорност и љубов, нашата Света Црква остро се спротивставува на предложениот предлог-закон.
9. Светиот Архиерејски Синод одлучи: а) да изготви соодветно писмо со своите ставови до чесните членови на грчкиот парламент, б) да ги соопшти своите позиции во Светите храмови во недела, 4 февруари 2024 година и да обезбеди релевантно послание упатено кон народот, преку своите Светите храмови и својата веб-страница, в) да даде овластување на секој Високопреосвештен Митрополит да продолжи, во рамките на својата епархија и според неговата пастирска процена, со иницијативи за информирање и подигање на свеста во врска со претстојната легислатива и институцијата семејство.
Од Светиот Архијерејски Синод на Црквата на Грција
Извор: https://www.ecclesia.gr/greek/holysynod/anakoinothenta.asp?id=3543&what_sub=announce