Папата Франциск ја прими македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова

Папата Франциск во четврток 23 мај 2024 година во Апостолската палата ја прими македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова. Разговорот траеше 35 минути, а потоа претседателката Силјановска-Давкова беше примена и од Државниот секретар на Светиот Престол кардинал Паролин.

Триесет и пет минути траеше доверливиот разговор меѓу папата Франциск и Силјановска-Давкова – информира директорот на Канцеларијата за печат на Светиот Престол, Матео Бруни – во кој Папата потсети дека Македонија е земја на Света Тереза.

Папата ѝ подари на претседателката Гордана Силјановска-Давкова бронзен релјеф со натпис „Добредојдовте“, Папски документи, овогодинешната Порака за мир и книгата за Статио Орбис од 27 март 2020 година. Од своја страна, македонската претседателка на светиот Отец му подари икона на Пресвета Богородица Пелагонитиса и резба, дело на локални занаетчии.

Католичката црква од Македонија ја преставува протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов. Во состав на делегацијата се заменик-министерот за култура, Онур Али, амбасадорот во Италија, Весел Мемеди, амбасадорката во Светиот Престол, Марија Ефремова, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, заменик-генералниот секретар на претседателскиот кабинет, Горан Момировски, државниот советник за надворешна политика во кабинетот, Рима Сафитли, Златко Јанковски и Жидас Даскаловски од кабинетот на претседателот, како и Снежана Стојанова од Секторот за односи со јавност во кабинетот. Делегацијата на Македонската православна црква – Охридска архиепископија ја предводат Митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј и Митрополитот Европски Пимен.

Извор: https://www.vaticannews.va/mk/pope/news/2024-05/papata-ja-primi-makedonskata-pretsedatelka.html