Римскиот папа Франциск повика на прекин на огнот меѓу Израел и Хамас во неговата традиционална велигденска порака. Во пораката, искажана пред десетици илјади луѓе собрани на плоштадот Свети Петар во Ватикан, Франциск се осврна на конфликтите во Европа и на Блискиот Исток, осудувајќи ја војната како „апсурд“.
Папата беше принуден да прескокне дел од неодамнешните настани или во некои случаи да го ограничи своето говорење поради лошата здравствена состојба, но во неделата, на Велигден – најважниот ден во христијанскиот календар – тој во целост го изрече своето послание и се појави расположен и насмеан, поздравувајќи го народот.
Според Ватикан, Франциск откажал да богослужи на Велики петок за „да го зачува своето здравје“ за остатокот од прославите.
Тој богослужеше повеќепати во текот на Страсната седмица, вклучително и Велигденското бдение во базиликата Свети Петар кое траеше повеќе од два часа.
Претходно, во повеќе наврати беше хоспитализиран заради медицински прегледи. Исто така, тој неколкупати се потпираше на неговите помошници да читаат некои од неговите говори, во моменти кога боледуваше од настинки, грип или напади на бронхитис.
Папата настојува на тоа дека не планира да поднесе оставка и го гледа папството како доживотна служба. Редовно користи инвалидска количка поради проблеми со подвижноста, но вели дека со црквата управува со главата, а не со нозете.
Извор: https://edition.cnn.com/2024/03/31/europe/pope-francis-easter-health-intl/index.html