Пишува: свештеник Емил Атанасов
Во Македонска Православна Црква „Св. Никола“ во Виндзор Онтарио (Канада) на 18 мај 2024 година, литургиски се прослави споменот на „Летен св. Никола“ односно денот на пренесувањето на неговите свети мошти. Со торжествена Литургија, славски колач, свечен банкет и ручек се одбележа и годишнината од постоењето на црквата. Имено, оваа година се прослави 55 годишнината од формирањето на Иницијативен одбор за основање на Македонска црква во Виндзор, а 45 години од осветувањето на првиот храм – црква во Виндзор!
Празникот на „Летен св.Никола“ се одбележува трета година по ред како втора храмова слава. Овој празник и спомен торжествено се чествува, особено заради тоа што во црквата се чува честица – фрагмент од светите мошти на свети Никола Чудотворец. Ова беше причина да се соберат верници и од другите Православни заедници и цркви од градот Виндзор. Со благослов на Неговото Високопреосвештенство Митрополит на Американско-канадска Епархија г.Методиј, со парохискиот свештеник Емил Атанасов, сослужуваа свештеници од соседната Македонска православна црква „Св. Ѓорги Кратовски“ во Детроит и скоро од сите канонски православни цркви во Виндзор. На Светата Литургија сослужуваа: отец Горан Трпчевски, Протосингел отец Корнелиј Андраско и отец Николај Кодреа од Романската Црква, отец Марко од Српската Црква, отец Серафим од Антиохиската Црква и отец Евангелос и отец Џон од Грчката Црква.
Беше радосен, несекојдневен и торжествен настан да се сослужува на неколку различни јазици, а сепак обединети од истиот Свети Дух, заедничарејќи во Светиот Путир и примајки го Телото и Крвта Христови.
По завршувањето на Литургијата и беседата, верниците предводени од свештенството направија Литија околу црквата со светите мошти, пеејќи ги „Христос Воскресе“ и тропарот на празникот: „Дојде денот на сесветлото торжество, градот Бари (и Виндзор) се радува…“. Беше направен и мал Помен за упокојување и блажен спомен на основачите на Црквата.
Несомнено, сето ова се случи по молитвите на св. Никола кој е силен поборник и бранител на чистотата на верата, а и чувар на соборноста и единството во Православието!
Господ да ги чува Македонските црковни заедници и дај Боже да се слават уште многу јубилеи во слога и напредување во верата и љубовта Божја!