На 17 февруари 2024 година, Ерусалимскиот патријарх Теофил го прими Пречесниот др. Џери Пилај (генерален секретар на Светскиот совет на црквите – ССЦ) во седиштето на Ерусалимската патријаршија. За време на разговорот, Патријархот нагласи дека иднината на Светата земја и на целиот Блиски Исток не се зацврстува преку воено насилство. Исто така, нагласи и дека стереотипот на разногласијата, на казните и на противказните не доведе до мир и безбедност.
„Омразата и темнината се непостоечки. Само светлината и животот имаат вистинско и непрестајно постоење. Нашата мисија во себе не ја содржи смртта. Богодадениот живот се наоѓа во срцето на евангелската проповед, како што вели нашиот Господ Исус Христос: Јас дојдов за да имаат живот и да имаат изобилие (Јн 10, 10)… Евангелскиот повик нѐ поттикнува да ги претвориме воените инструменти во инструменти на мир и помирување. Нашиот историски опит во Светата земја претставува силен и опиплив пример дека синагогата, храмот и џамијата можат паралелно да сопостојат“ – истакна Патријархот.
На средбата учествуваа Претстоителите на христијанските цркви во Ерусалим, меѓу кои беа: Латинскиот ерусалимски патријарх, Кардиналот Пјербатиста Пицабала, Чуварот на Светата земја, о. Франческо Патон, Поглаварот на Англиканската црква во Ерусалим, Архиепископот Хосам Наум, и претставници на Ерменската патријаршија и на Коптската црква во Ерусалим. Секој од Претстоителите на Црквите му ги претстави на генералниот секретар тешкотиите и предизвиците, со кои се соочуваат христијаните, храмовите и нивните имоти (како, на пример, на Маслиновата гора и во Гетсиманија), кои често се мета на напад од страна на радикални структури.
Џери Пилај ја изрази својата обврска да побара од милионите христијани, членови на Советот, да ги зголемат нивните молитви и нивната поддршка за Црквите и на населението во Светата земја. Патријархот Теофил го одликува генералниот секретар на ССЦ, Џери Пилај, со орден на бригадир на редот на витези на Пресветиот Гроб.