Промоција на прирачник во Младинскиот центар во Струмица

Пишува: Катерина Дафчева

Претставници на Струмичката Православна Епархија вечерва присуствуваа на промоцијата на прирачникот  „Како до заштита и безбедност на жртвите на семејно насилство“ – Моделот за соработка на „Скај Плус“ со Општина Струмица, бизнис заедницата и Струмичката епархија, од авторките Стојне Митева, Катерина Дафчева и Сузана Мицева.

Струмичката православна епархија од самиот почеток, согласно своите можности дава поддршка во функционирањето на Центарот кој е важен за целата заедница. Во оваа прилика би го цитирале викарниот Епископ Стобиски г. Јаков:

„Црквата нема да биде тоа што треба да биде во овој свет ако нема чувство за луѓето кои страдаат во овој свет. Исклучително е тажно да зборуваме за било каков вид страдање во семејството, во светата тајна брак, зошто Бог  осмислил нашето спасение да се одвива во заедницата.”

Во Прирачникот се опишани практичните чекори кои една граѓанска организација треба да ги почне за реализација на проект Центар за заштита на жртви од семејно насилство, вклучително и практични примери и документи, протоколи потребни за ефикасно функционирање.

Според Скај Плус, најважна е соработката меѓу локалните власти, бизнис секторот и верските заедници, односно во овој случај Општина Струмица, струмичката бизнис заедница и Струмичката Православна Епархија, а секако и Центрите за социјална работа, полицијата, здравствените и образовните институции и другите хуманитарни организации.

Во Шелтер центарот во Струмица годишно се згрижуваат и до 30 жртви, жени и нивните малолетни деца.

Општина Струмица најавува дека во следниот период ќе биде готова и Куќата за отворено домување со што ќе се заокружи системот за заштита на жените жртви од семејно насилство – Советувалиште, Шелтер центар и Куќа на отворено домување како дел од процесите за реинтеграција на жртвите назад во општеството.

Од Струмичката Православна Епархија велат дека  активно ќе партиципираат и во овој проект и ќе останат партнери во заштитата на жените од семејно насилство.