Манастирот „Хора“ претворен во џамија

Турција се наоѓа на прагот од реализација на првата исламска молитва во манастирот „Хора“. Весникот „Јени Шафак“, во својата објава, наведува дека тоа ќе се случи на 23 февруари, имајќи предвид дека се завршени работите за претворање на храмот-музеј во џамија. Тој се наоѓа во населбата Фатих во Истанбул.

Одлуката на турската влада за претворање на манастирот „Хора“ во џамија беше објавена во август 2020 година, откако тогашниот храм – музеј премина во рацете на Службата за верски прашања, со решение на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган. Истата процедура беше спроведена и за „Света Софија“.

Одлуката на претседателот Ердоган предизвика реакција на грчката влада, но и на Европската Комисија, а беше осудена и од УНЕСКО. Согласно објавата на весникот „Јени Шафак“, во манастирот „Хора“ се поставени специјални килими, што се употребуваат во џамиите.

Манастирот „Хора“ е изграден во 534 година, и е еден од најстарите историски споменици во Истанбул. Храмот е претворен во џамија во 1511 година. Манастирот се користел како џамија четиристотини триесет и четири години, а во 1945 година е претворен во музеј, со министерска одлука. Државниот совет на Турција, во 2019 година, донесе одлука за негово претворање во џамија, оценувајќи дека министерската одлука од 1945 година била незаконска.

Мозаици и фрески од манастирот „Хора“. Фотографии: Литургија.мк

Извор: https://www.protothema.gr/world/article/1463425/tourkia-ekanan-tzami-kai-tin-moni-tis-horas-stin-konstadinoupoli-stis-23-fevrouariou-i-proti-proseuhi/