В недела, на 4 февруари, Романската патријаршија прослави 99 години од основањето

Пишува: Андреј Урсулеан

На работната седница од 4 февруари 1925 година, Светиот синод донел одлука за основање на Романската Православна Патријаршија. Процесот започнал веднаш по Големото обединување од 1918 година.

Историја

При крајот на 1924 година, Пимен, Митрополитот Молдавски и Сучевиски, изготвил предлог според кој е предложено Митрополијата на Унгаровлахија да биде издигната на ранг на Патријаршија. Притоа, примарниот Митрополит да ја носи титулата: Патријарх на Романската Православна Национална Црква.

Актот бил потпишан од Митрополитот Нектариј Буковински, од Архиепископот Гуриј Кишиневски и од Епископите: Лукијан Романски, Роман Орадески, Николај Клужиски и Илариј Констанциски.

Предлогот бил вклучен на дневниот ред при седницата на Светиот синод од 4 февруари 1925, предводена од Архиепископот Гуриј Кишиневски.

За време на говорите, Епископот Рамнички, Вартоломеј Станеску, го презентирал т.н. „Акт за основање на Романската Патријаршија“.

На крајот од синодалната седница се обратил Митрополитот Пимен, кој упатил благодарност кон сите оние коишто го изготвиле предлогот за основање на Патријаршијата. Воедно, архијерејот изразил желба за изградба на Национална катедрала, проект којшто, впрочем, е реализиран во времето (во мандатот) на Неговото Блаженство, Патријархот Даниел.

Основањето на Романската Патријаршија било признаено и одобрено, со едногласни гласови, од Сенатот и од Домот на пратеници. На 23 февруари 1925 година Предметниот закон бил обзнанет од кралот Фердинанд.

На 12 март 1925 година, сестринските Цркви биле известени, преку мирно писмо, за дотогаш постигнатото.

Во мај 1925 година, вакво мирно писмо било испратено до Цариградската Патријаршија, преку Драгомир Деметреску, професор на Православниот богословски факултет во Букурешт.

Поради политичките неповолности, Цариградскиот Патријарх, Константин VI (1924 – 1925), бил принуден да се повлече од столицата и, поради тоа, не можел да го свика Светиот синод за да одговори на ова писмо.

Во јуни 1925 година, за Цариградски Патријарх бил интронизиран Василиј III (1925 – 1929), кој – имајќи ги предвид одлуките на Романската Православна Црква – преку Томосот под бр.: 1579, од 30 јули 1925 година, го признал издигнувањето на истата на ранг на Патријаршија.

Интронизацијата на првиот Романски Патријарх, Мирон Кристеа, била на 1 ноември 1925 година.

Прославување еден век од основањето

Во 2025 година, по повод 100-годишнината од основањето на Романската Православна Црква, Романската Патријаршија планира осветување на живописот при Националната катедрала и канонизација на повеќе романски духовници.

Фазата на работење при Катедралата е во постојан напредок. Моментално се подготвува поставувањето на иконата на Христос Спасителот – Пантократор, којашто ќе опфати површина од 150 квадратни метри.

Исто така, Романската Патријаршија, за 2025 година, подготвува канонизација на 15 свештеници и монаси, помеѓу кои се и: отецот Думитру Станилоае, архимандритот Клеопа (Илие) и архимандритот Герасим (Иску).

Извор: https://basilica.ro/patriarhia-romana-implineste-99-de-ani-de-la-infiintare/