На 14 мај годинава во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“, во неготинското село Тимјаник, на иницијатива на верниците од ова место, беше донесена чудотворната икона на Мајката Божја – Скоропослушничка од светогорскиот манастир Дохијар. Иконата ја донесоа протојереј-ставрофор Василиј Фотис од градот Солун заедно со г-дин Димитриј Перпецис, исто така од Солун. Чудотворната икона на Мајката Божја беше пречекана од илјадници верници од сите краеви на Македонија, како и од целото свештенство на Повардарска епархија, кои, со Литија ја придружуваа до црквата, каде таа беше пречекана од Митрополитот Агатангел.
По пристигнувањето на иконата во црквата, најнапред г-дин Димитриј го изрази своето задоволство и радост од овој свет чин, а потоа го даруваше Митрополитот Агатангел со икона од Мајката Божја. Митрополитот Агатангел, пак, во своето обраќање кон сите присутни рече дека донесувањето на оваа икона во црквата во Тимјаник е голема радост и благослов за сите верни души од овој крај, како и за сите во Повардарската епархија. Тој ги повика сите присутни, како и оние што отсуствуваа, да дојдат и да се поклонат пред чудотворната икона на Пресвета Богородица и притоа со целото свое срце да го принесат своето покајание и да испросат благослов за свое и за здравје на своите најблиски, како и за мир и благосостојба во нашата татковина Македонија.
По Митрополитот Агатангел, и гостинот од Грчката православна црква го изрази своето воодушевување од срдечниот и велелепен пречек на чудотворната икона на Мајката Божја.
По поставувањето на иконата во централниот дел на црквата и палењето на нејзиното кандило, беше отслужена Вечерна богослужба, а потоа беше прочитан целиот Акатист на Пресвета Богородица. Откако заврши богослужбата, Митрополитот Агатангел подели мали икони на кои е претставена Мајката Божја – Скоропослушничка. Целиот овој настан помина во прекрасна молитвена и достоинствена атмосфера која уште еднаш ја покажа силната вера, љубов и надеж во Троединиот Бог, која македонскиот човек ја има во своето срце.
Извор: https://www.povardarska-eparhija.org.mk/pe//index.php?option=com_content&task=view&id=3016&Itemid=32