Денес, нашите браќа и сестри својот топол оброк не го земаа на платото пред храмот на Свети Григориј Палама, благодарение на ширикоградоста на сопствениците на ресторанот „Шалом“, Јорданчо Јанев и Доне Карастоев со нивните семејства, кои ги поканија и примија на својата велигденска трпеза во овој ресторан.
Емотивен гест кој ги зарадува срцата на нашите собраќа кои во торжествувањето на Христовото Воскресение се почувствуваа сигурно, сакано и достоинствено, како што доликува на секој човек.
Преосвештениот Епископ Стобиски г. Јаков ја благослови трпезата поздравувајќи ги сите со поздравот на радоста: Христос Воскресна!
Инаку, ресторанот „Шалом“ во Струмица секој понеделник ја подготвува храната за акцијата „Топол оброк за сите“.
Елеуса фондација веќе година и половина дели храна од пред храмот на Свети Григориј Палама, на педесетина наши сограѓани.