На 8 мај (25 април по стар стил) кога Црквата го празнува споменот на Светиот Апостол и Евангелист Марко, што е именден на Неговото Преосвештенство Епископот Делчевско-каменички г. Марко, во црквата „Успение на Пресвета Богородица“, во Делчево, беше отслужена Света Архијерејска Литургија.
На Литургијата началствуваше епископот-домаќин, Преосвештениот Епископ Марко, во сослужување со Високопреосвештените Митрополити Крушевско-демирхисарски г. Јован и Брегалнички г. Иларион, Преосвештените Епископи Дељадровско-илинденски г. Јоаким, Дремвитски г. Давид и Стобиски г. Јаков, многубројно свештенство од повеќе епархии на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, и од Бугарската Православна Црква.
По читањето на Светото Евангелие беседеше Високопреосвештениот Митрополит Јован.
На крајот на Литургијата, Преосвештениот Епископ Давид го благослови празничното коливо.
За велелепноста на богослужбата се потрудија гостите псалти од Белград, под раководство на еден од негувачите на источното пеење во Србија, г. Владимир Симиќ.