Годишно собрание на Македонската православна Епархија за Европа во Мајнц

Пишува: Парохиски свештеник Константин Павлевски, Мајнц Германија

Македонската православна Епархија за Европа (МПЕЕ) својот 30 годишен јубилеј, најнапред со состанок на Епархискиот управен одбор (ЕУО), на 17.05.2024 година, го отпочна работниот дел на Годишното епархиско собрание во црковната општина „Свети Никола“ од Мајнц, Германија, каде токму пред 30 години, во Февруари 1994 година, се формирани и првите работни тела и органи на тогаш ново создадената епархија за Европа.

Со одлука на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква, а потврдена на Архиепископскиот црковно-народен собор во катедралниот храм „Света Софија“ во Охрид, одржан на 04.12.1993 година, е формирана Европската Епархија, а на истиот собор за Архиепископ на Македонската православна црква е избран тогашниот Митрополит Повардарски г. Михаил кој својата прва канонска визитација надвор од границите на Македонија, ја прави во црковната општина „Свети Никола“ во Мајнц. Во придружба со Архиепископот г.г. Михаил е тогашниот Митрополит г. Стефан, протојереј Стојко Ристовски и првиот македонски парох воопшто во Европа, протојереј ставрофор Блажо Кожарски, кои со архиерејска света Литургија во тогашната придружна просторија при католичката црква „Свети Бернард“ во Мајнц, Бреценхајм го започнаа формирањето на управните тела и органи, во чиј состав како мирски лица влегоа првиот претседател на црковната општина „Свети Никола“ од Мајнц – Јован Зафировски, Миланка Тосева од црковната општина Свети „Кирил и Методиј“ од Дортмунд, и други членови од другите црковни општини од Германија и Европа.


Овој 30 годишен јубилеј на Европската Епархија која денес е возглавена од Митрополитот Европски г. Пимен повторно со свечена архиерејска Литургија беше отпочнат, на која чиноначалствуваше Митрополитот Европски г. Пимен заедно со Митрополитот Берлински и Германски г. Марко (Арнд) од Руската задгранична православна црква, како и свештенството од Европската Епархија кое денеска брои 23 свештеници, 41 црковни општини во 14 Европски земји.

Радоста особено за парохијаните од црковната општина Свети „Никола“ од Мајнц беше уште поголема бидејќи најнапред на литургијата во ипоѓаконски чин беше произведен доктор Марко Мантов од раката на Митрополитот г. Марко, а потоа и ракоположен и во ѓаконски чин од страна на надлежниот архиереј г. Пимен.


Доктор Марко Мантов е роден на 13.05.1975, средно образование има завршено во Кочанската гимназија „Љупчо Сантов“ а понатамошното образование го започнува и завршува на Медицинскиот Факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј – Скопје во 2002 година. Својот професионален ангажман го започнува во болницата „Филип Втори“ од 2004 до 2011 година, а понатамошното професионално усовршување во сферата на кардиохирургијата го отпочнува во Универзитетската болница во Марбург каде се здобива со титула специјалист по Кардиоваскуларна хирургија. Во 2024 година успешно го брани својот докторски научен труд и се стекна со титула „доктор по медицински науки“. Својот духовен живот го започнува за време на студиите активно учествувајќи во литургискиот и духовен живот во Црквата Свети „Ѓеоргиј Победоносец“ во Кривидол, Скопје. Марко Мантов е еден од добрите познавачи на византиската црковна музика и е коосновач и член на византискиот црковен хор „Хармосини“. Неговото учество во развитокот на црковната општина „Свети Никола„ е пред осветувањето на храмот во 2015 година, но по доаѓањето на првиот парохиски свештеник се вклучува уште поактивно, помагајќи како црковен псалт, а од 2018 година е и потпретседател на црковниот одбор.


По завршувањето на Светата литургија, на Митрополитот Берлински и Германски г. Марко, му беше претставена црковната општина и просториите, во кои по литургијата беше поставена трпеза на љубовта за целото свештенство, гостите и делегати учесници на Епархиското собрание. Свечениот дел од собранието кој се одржа во градската сала „Рајн Хесен“ во Мајнц, беше отворено со молитва и пригоден говор на Митрополитот Европски г. Пимен кој во таа прилика му подари архиерејски инсигнии на Митрополитот г. Марко.


Во понатамошниот дел од Собранието делегатите разговараа за досега сработеното, но и за идните планови за понатамошен развој на црковните општини каде едни си други разменија и различни искуства. Особен акцент на овогодинешното собрание беше посветен на духовниот развој на црковните општини, потребата од правна регистрација во статус на црква, онаму каде досега немало можност поради претходно нерешениот канонски статус на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Делегатите имаа можност да го слушнат и личното сведоштво на отец Блажо Кожарски кој како прв парохиски свештеник во црковната општина Свети „Наум Охридски“ од Малме, Шведска бил учесник на многу црковно народни собори кои се поврзани со развојот на Европската Епархија.

По повод 30 годишниот јубилеј на Европската Епархија која е возглавена од Митрополитот г. Пимен од страна на сите црковни општини му беа доделени архиерејски одежди, а чиј омофор е симбол на неговата татковска пожртвуваност кон своето доверено стадо, кое иако е распространето на голема територија, како добар пастир успева да го собере, поучи и посети со своето присуство. Со неговото доаѓање во 2006 година како Митрополит може со право да се каже дека започнува процутот на Епархијата бидејќи не само што успева да го одржи наследеното, туку и да го умножи создавајќи услови за редовно парохиско свештенство, градејќи храмови, но пред сè, полнејќи ги со верен народ кој живее вистински литургиски живот, а сведоштво на тоа е бројното парохиско сведоштво и новите сериозно развиени црковни општини кои се отворени за духовните потреби на православниот македонски народ.

На крајот на Собранието беше одреден и датумот за промоција на монографијата за Европската епархија, која за скоро ќе влезе во печат, како и одредување на црковна општина која ќе биде домаќин за одржување на централната прослава по повод Јубилејот.

На Годишното собрание на Европската епархија присутни беа и амбасадорот на Р. Македонија Јилбер Села и конзулот Амон Бајрамовски од конзулатот во Бон, кои во свечениот дел се обратија до присутните делегати и гости. Нивната подршка за развојот на црковните општини ја потврдија не само со своето присуство туку и со силно изразената желба, мотив и отвореност за соработка со црковните општини.

Црковната општина, парохискиот свештеник отец Константин Павлевски и претседателот Александар Радевски на самиот крај изразија огромна благодарност за присуството на  свештенството и сите делегати, а оваа година им беа доделени благодарници на дел од повозрасните членови на црковната општина кои имаат оставено траен белег, но и на гостите од Македонија кои специјално допатуваа за да се погрижат околу организирањето на престојот и приготвувањето на храната за сите присутни кои оваа година беа повеќе од стотина делегати од 14 Европски земји.