Соопштение од Светиот архиерејски собор на Српската православна црква

Од 14 до 18 мај, во храмот „Св. Сава“, во Белград се одржа редовно заседание на Светиот архијерејски собор на Српската православна црква. По завршената работа, Соборот го издаде следново соопштение:

„Редовното заседание на Светиот архијерејски собор на Српската православна црква започна со соборна архијерејска Литургија и со призив на Светиот Дух во Спомен-храмот „Св. Сава“, наместо првобитно најавеното свечено отворање во Великата лавра-Пеќка Патријаршија (историското, осмовековно седиште на српските Архиепископи и Патријарси), поради понижувачката и срамна одлука на приштинските власти да им забранат на Неговата Светост Патријархот српски г. Порфириј и на архијереите на Српската православна црква влез на територијата на Косово и Метохија. На литургиското собрание началствуваше Неговата Светост Патријархот српски г. Порфириј, во сослужение на присутните архијереи на Српската црква од татковината и од дијаспората, како и на сите викарни архијереи.

Соборот започна со работа во истиот ден, во криптата на Спомен-храмот „Св. Сава“, под сводовите на параклисот, посветен на косовскиот маченик кнез Лазар, под претседателство на Неговата Светост и со учество на епархиските архијереи на Српската православна црква (освен Канадскиот епископ Митрофан, кој беше отсутен поради здравствени причини). На почетокот од првата работна седница, Неговата Светост Патријархот им се обрати на присутните епископи со поздравно слово, исполнето со воскресна радост, но воедно и во контекст на непријатните настани од претходниот ден. По овој повод, уште од својата прва седница, Соборот издаде соопштение, апелирајќи до сите меѓународни органи на Косово и Метохија да сторат сѐ што зависи од нив да престане флагрантното кршење на човековите права и на основните слободи на српскиот народ. Соборот смета дека прашањето на Косово и Метохија претставува најважно прашање за кое расправаше Соборот, бидејќи нашата Црква, со својот народ на маченичкото Косово и Метохија, со години е изложена на големи притисоци, напади и неизвесна иднина. Затоа, и во оваа прилика, ѝ даваме подршка на Рашко-Призренската епархија, која, заедно со ставропигијалниот патријаршиски манастир во Пеќ, претставува цврста потпора за нашиот народ и за неговиот опстанок.

Со најголема загриженост констатираме дека денес косовските власти, несомнено, одат во насока на негирање на основните права на нашиот народ и Црква. А, сето тоа, со цел изградба на етничко албанско општество. Поради ваквата состојба, Соборот останува при својот еднодушен досегашен став дека проблемите на Косово и Метохија мораат да се решаваат исклучиво со дијалог, заснован врз почитување на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН и врз меѓународните повелби, кои го гарантираат зачувувањето на суверенитетот и на територијалниот интегритет на Република Србија на овој простор. Иако нашата Црква не е директно вклучена во политичкиот дијалог меѓу Белград и Приштина, сепак ние не можеме рамнодушно да го набљудуваме сѐ потешкиот развој на настаните. И со право очекуваме нашите ставови, и загриженоста за нашиот верен народ и за светињите, да бидат уважени во овој процес. Во тој контекст, покрај воспоставувањето на функционална Заедница на српски општини, особено треба да се засили институционалната и безбедносна заштита на нашите светињи, во склад со некои од постоечките модели во Европа и врз основа на досегашните одредби, кои, за жал, сѐ почесто не се почитуваат и не се применуваат од страна на Приштина. Таквиот вид на заштита треба да ги сочува правната положба, имотните права на нашата Црква и слободата на вероисповед.

Работата на заседанието на Соборот продолжи, во истиот дух, и следниот ден. Тогаш, особено внимание ѝ беше посветено на темата на страдањето на нашиот народ и на неговата борба за зачувување на духовниот, културниот и националниот идентитет, но и на голата егзистенција, како денес, така и во други историски моменти. Рак-раната на српскиот народ-Косово и Метохија, но и Јасеновац и останатите стратишта и губилишта во т.н. НДХ и на други места, а во нашиве денови и Сребреница- претставуваат постојан ’трн во телото’ на нашата Црква. Поради тоа, Црквата и денес го подига својот глас и одново укажува на невистините, во домашниот и во глобалниот јавен простор, чија цел е историски ревизионизам, со кој би ѝ се дал легитимитет на непостоечката историска инверзија. Според неа, православните Срби, жртви на повеќекратни геноциди и на етничко чистење, треба да бидат прогласени не само за злосторници, туку и за извршители на геноцид.

На Соборот беа сослушани и анализирани извештаите за минатогодишната работа на Светиот архијерејски синод, на епархиските архијереи, на Великиот црковен суд, на Патријаршискиот управен одбор, на Патријаршиската библиотека, на Музејот и на Архивот на Српската православна црква, на добротворната фондација ’Човекољубље’ и на други фондации, установи и служби на Српската православна црква.

Со татковско внимание и со татковска грижа, Соборот ги разгледуваше можностите за унапредување на духовниот живот и на организацијата на нашата Црква во странство. Во тој дух се формирани четири нови епархии во Европа. Со поделбата на Британско-Скандинавската епархија, се формираат: Скандинавска епархија, со седиште во Стокхолм (епархиски архијереј ќе биде досегашниот Британско-Скандинавски епископ Доситеј) и Британско-Ирска епархија, со седиште во Лондон (за архијереј е избран досегашниот викар на Неговата Светост, епископот Јегарски Нектариј). Со поделбата на досегашната Австриско-Швајцарска епархија, се формираат: Австриска епархија, со седиште во Виена (со неа, на неопределено време, ќе администрира Бачкиот епископ Иринеј) и Швајцарска епархија, со седиште во Цирих (за нејзин епископ е избран досегашниот Австриско-Швајцарски епископ Андреј). Исто така, Соборот ги одобри новите статути за нашите епархии на почвата на САД. Соборот го одобри новиот статут и на Дизелдорфската и Германска епархија.

Понатаму, Соборот ги согледа пастирските и мисионерски потреби, и ги разгледа предлозите на еден број архијереи за избор и за доделување на викарни епископи во нивните епархии. По тој повод, Соборот избра четворица нови епископи: за викарни епископи на Неговата Светост се избрани архимандрит Тихон (Ракиќевиќ), старешина на манастирот ’Студеница’, со титула епископ Моравички, и јеромонах Никон (Цвијетиќанин), собрат на манастирот ’Ковиљ’ (Бачка епархија), со титула епископ Јенопољски. За викар на Црногорско-Приморскиот митрополит е избран протосингел Паисиј (Ѓерковиќ), старешина на Цетињскиот манастир, со титула епископ Диоклиски. А, за викар на Нвограчаничко-Средноамериканскиот епископ е избран архимандрит Серафим (Балтиќ), клирик на оваа епархија, со титула епископ Костајнички.

Соборот се занимаваше и со прашањето за организација на нашата помесна Црква, како и со измените и дополнувањата на одредбите од Уставот на СПЦ, кои се однесуваат на титулите на епархиските архијереи.

Соборот ѝ посвети посебно внимание на анализата на состојбата и на проблемите во црковната просвета, разгледувајќи ја положбата на српските православни богословии, нивните планови и програми, и начините и можностите за нивно унапредување. Со таа цел е формирана посебна соборска комисија. Во оваа прилика, за ректори на богословиите ’Св. Кирил и Методиј’ (привремено е во Ниш) и ‘Св. Петар Цетињски’ на Цетиње се избрани досегашните вршители на должноста ректор на овие училишта: протојерејот Дејан Крстиќ за ректор на нишката, а протојерејот Благоје Рајковиќ за ректор на цетињската богословија.

Исто така, Соборот им посвети внимание и на духовните и геополитичките последици од воените судири во Украина и во Палестина. По овој повод, Соборот повторно го подига својот глас во заштита на обесправените, на гладните и прогонети невини жртви, апелирајќи до релевантните меѓународни институции од зборови за правда да преминат на конкретни дела на правда, на милосрдие и на миротворство.

Укажувајќи на огромното значење на богословието, на добродетелниот живот и на писателската дејност во служба на сведочење на верата на светиот Јустин Келијски (Поповиќ), за духовниот раст на српскиот народ и на православните народи воопшто, Соборот, во недела на 19 мај, молитвено одбележа три значајни јубилеи, кои му се нему посветени: 130 години од раѓањето, 45 години од упокојувањето и 15 години од внесувањето на овој голем учител на побожноста во диптисите на светителите на Православната Црква. На сеќавањето на свети Јустин, соборските отци му го додадоа и сеќавањето на уште двајца значајни луѓе од блиското минато на нашата помесна Црква (Српскиот Патријарх Павле, одбележувајќи ја петнаесеттата годишнина од неговото упокојување, и Новограчаничкиот митрополит Иринеј, кому оваа година му се навршуваат 25 години од упокојувањето во Господа). Двајцата беа големи трудбеници на народното дело и на црковното помирување и единство.

Во тек на Соборот се одржа и седница на Централното тело за довршување на изградбата на Спомен-храмот „Св. Сава“ на Врачар. Во таа прилика е примен извештајот на ова тело за сите дејности, кои се изведени во минатата година, и за примените прилози на побожниот народ и на нашата држава, како и за останатите неопходни активности.

На покана од претседателот на Србија г. Александар Вучиќ и на престолонаследникот Александар Караѓорѓевиќ, членовите на Соборот остварија посета на овие уважени личности.

Во Светиот синод им заврши мандатот на Црногорско-Приморскиот митрополит Јоаникиј и на Бачкиот епископ Иринеј. Со тоа, тие во наредниот едногодишен период ќе бидат членови-заменици на ова тело. Членови на Синодот во преостанатиот едногодишен период остануваат: Браничевскиот епископ Игнатиј и Горнокарловачкиот епископ Герасим. А, за нови членови, во претстоечкиот двогодишен мандат, се избрани: Зворничко-Тузланскиот епископ Фотиј и Рашко-Призренскиот епископ Теодосиј.“

Извор: https://spc.rs/saopstenje-za-javnost-svetog-arhijerejskog-sabora-srpske-pravoslavne-crkve-3/