Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, кој е Претседател на Одделот за надворешни црковни односи, на 29 мај оваа година гостуваше во емисијата „Тешки муабети“ на Инфомакс, а утредента на 30 мај, во дебатната емисија „Аргумент плус“ на ТВ24.
Во двете гостувања главната тема на разговор беа условите за добивање на томос за автокефалија од Цариградската патријаршија, кои станаа актуелни откако и самиот Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан во изјава за телевизија соопшти дека постојат и дека се неприфатливи за Македонската православна црква – Охридска архиепископија (за што веќе известивме).
Еден од тие услови е сослужувањето со ПЦУ (Православната црква на Украина која доби автокефалија од Царигиградската патријаршија) за која тема Митрополитот Петар нагласи дека во два наврати е дискутирано на Светиот архијерејски синод во полн состав и дека одлуката е едногласна: „ќе ја признаеме ПЦУ кога сите останати православни Цркви ќе ја признаат“ истакнувајќи дека „тоа е завршено прашање“.
Услов за името на Црквата
Митрополитот Петар, најпрвин нагласи дека: „Прашањето на нашето признавање е повеќе од политичка, одошто од верска причина, затоа што нашиот јужен сосед гледаме дека приговара за името на нашата црква, а не за учењето, дали сме згрешиле, дали канони сме погазиле или прекршиле, туку нив ги интересира, името да не го употребуваме – Македонија, македонска, македонски јазик и сè што е со поврзано со Македонија. Велат дека тоа право го имале само тие, а ние не сме го имале тоа право.“
Во контекст на ова, Митрополитот Петар додаде: „Нас нè обвинуваат за етнофилетизам, а постојат четири цркви кои се именуваат со национален префикс – грчка, значи тие се именуваат според нацијата, а не според територијата, односно името на земјата.“
На прашањето дали некој од нашата црква писмено се обврзал кон Цариградската Патријаршија дека ќе се промени името на МПЦ-ОА, владиката Петар категорично одрече дека такво нешто е ветено, истакнувајќи дека: „На синодска седница не сме донеле таква одлука.“
„Она што не успеаја да го постигнат со Преспанскиот договор“, кој предвидува слободна употреба на изведени придавки од името Македонија, „сега сакаат да го наметнат преку Црквата, преку давање на томос со забрана на името“, истакна тој.
„Од нас бараат да се нарекуваме Охридска црква, не Охридска архиепископија […] Цариградската Патријаршија веќе не признава цркви ниту по името на државата како порано, затоа што сега одбива да прифати име ’Северномакедонска’ или ’на Северна Македонија’“ – рече Митрополитот Петар.
Условот за дијаспората
Објаснувајќи го условот од Цариградската патријаршија дека јурисдикцијата на нашата црква ќе се протега само на територијата на државата, владиката Петар јасно изјави дека: „Третото барање е дека нашата дијаспора им припаѓа ним.“
Тој истакна дека во врска со дијаспората, од страна на Цариградската патријаршија „се води една многу луцидна политика“, и во продолжение објасни што значи тоа: „Ни велат ’ние немаме против вие да си избирате владици’, но [..] како викарни епископи, кои немаат никаква власт“, додека епископите што имаат власт се оние на Цариградската патријаршија: „Сакаат да ни наметнат за секое богослужение на наш свештеник во Европа, […] да мора да се добие благослов од Цариградскиот митрополит во таа земја. Значи нас не нè признаваат.“
Владиката Петар укажа на тоа дека автокефалните православни цркви имаат дијаспора, дообјаснувајќи дека: „Дијаспора немаат грчките цркви: кипарската, грчката, александриската, ерусалимската. Тие четири цркви немаат дијаспора. Сите тие се имаат откажано од својата дијаспора во полза на Цариградската црква, која е цариградска само по име, а во суштина е грчка.“
Признавањето на ПЦУ
Во врска со условот за сослужување со Православната црква на Украина (ПЦУ), односно нејзино признавање, Митрополитот Петар појасни: „Од Цариградската патријаршија бевме поканети да сослужуваме на Духовден [2022 година] во Цариград. Од наша страна беше побарано на Литургијата да нема ниту еден по хиротонија или хиротесија од ПЦУ. Цариградската патријаршија го испочитува тој услов, чесно е да се каже. Затоа сметавме дека тоа е симнато од дневен ред, апсоловирано прашање“.
Потоа продолжи на истата тема: „ПЦУ не е признаена ниту во самата Цариградска патријаршија, бидејќи од 20 манастири на Света гора“, која е под јурисдикција на Цариградската патријаршија, „само 4 ја признаваат ПЦУ“. „Во Кипар двајца владици не ја признаваат ПЦУ […] во Грчката црква дел од епископите сослужуваат со ПЦУ, дел не сослужуваат […] гледате каква забуна е, зошто ние во тоа да се вплеткаме?“ – заклучи владиката Петар.
„Ова прашање беше решено на синодска седница во пленарен состав, сите гласаа дека ова прашање за признавањето на ПЦУ е дека ние ќе ја признаеме, откако сите останати цркви ќе ја признаат“ – рече Митрополитот Петар, објаснувајќи го ставот на МПЦ-ОА по ова прашање.
Дали ни е потребен томос од Цариградската патријаршија?
На прашањето дали воопшто треба да добиеме томос од Цариградската патријаршија, владиката петар одговори: „Ние не сме против Цариградската патријаршија да ни даде томос, но да не ни поставува никакви услови.“
Потоа продолжи со објаснување: „Кога Романската црква нè призна како автокефална црква, Синодот на Романската црква, тоа го направи врз основа на томосот добиен од Српската православна црква и согласно на резолуцијата за давање автокефалија од Шамбези дека прв кој дава томос за автокефалија е мајката-црква […] бидејќи во преговорите меѓу Цариградската патријаршија и Српската Црква [во 1921 година] Цариградската патријаршија ѝ ги отстапува на Српската православна црква епархиите [во географска Југославија], оттогаш на овие епархии јурисдикција има СПЦ […] Затоа преговаравме со СПЦ […] Од Цариградската патријаршија ни рекоа ’побарајте отпуст од СПЦ, па после ние ќе ви дадеме автокефалност’. Ако таа била мајка-црква, зошто нè упатуваше кон СПЦ?“
Откривајќи детали за преговорите со Цариградската патријаршија, и за средбата на 10 јуни 2022 во Фанар, помеѓу комисиите на Цариградската патријаршија и МПЦ-ОА, владиката Петар откри: „Од наша страна беше Архиепископот Стефан, Митрополитот Тимотеј и нашата смиреност, како членови на делегацијата, во придружба беше нашиот секретар […] а како натрапник влезе Партениј со Анатолиј, без одлука на Синодот. Тој со тие монаси и монахињи таму беше повеќе како домаќин, одошто како гостин.“
„Тука е најголемиот проблем што го имаме со Цариградската патријаршија, бидејќи таа прифати да соработува со нас и да договара во една неискрена комуникација, каде што имате во вашата црква човек, да не го наречам предавник, туку експонат нивни, кој работи на штета на нашата црква и ниту еден акт што ни е испратен не е испратен без согласност на Партениј и без негово ветување дека тоа ќе помине кај нас. Сите тие акти што беа доставувани кај нас не поминуваа, бидејќи човекот и нив ги лаже и нас нè лаже и себеси се лаже, а тој не е член на Синодот“ – објасни владиката Петар.