На 30 мај 2024 година, во Патријаршиската и Синодска резиденција,во Даниловскиот манастир во Москва, се одржа редовна седница на Светиот Синод на Руската православна црква, под претседателство на Светејшиот Патријарх Московски и на сета Рус Кирил.
Меѓу другото, на седницата беше изложен извештајот на претседателот на Одделот за надворешни црковни врски, Митрополитот Волаколамски Антониј, во врска со сослужувањето на архијереи на Бугарската православна црква со претставници на украинските расколнички организации. Сослужувањето се случи на 19 мај годинава (за што известивме).
Светиот Синод на Руската православна црква изрази длабока тага во врска со тоа што архијереи на Бугарската православна црква (Пловдивскиот Николај, Старозагорскиот Кипријан, Доростолскиот Јаков, Величкиот Сиониј и Смолјанскиот Висарион) учествуваа во сослужување со претставници на една од украинските расколнички групи, со што им нанесоа сериозна штета на односите меѓу Руската православна црква и Бугарската православна црква.
Синодот ја констатираше невозможноста за сослужување со спомнатите архијереи, кои стапија во црковно општење со расколниците. Со тага беше нагласено дека Цариградската патријаршија продолжува да презема дејствија, кои се насочени кон продлабочување на поделбата во Православието.