Канцеларијата на Православниот Митрополит на Варшава и на цела Полска ја соопшти програмата на прославата по повод 100-годишнината на автокефалијата на Полската автокефална православна црква.
Согласно одлуката на Светиот собор на епископите, од 24 октомври 2023 година, манифестациите по повод 100-годишнината на самостојноста на православната црква во Полска треба да се одржат во религиозно-литургички и духовно-пастирски димензии.
Јубилејните манифестации започнаа со осветувањето на храмот „Света Софија – Божествена Мудрост“ во Варшава, изграден во спомен на предците, кои биле изведени во Сибир, убиени во логори, жртви на Акцијата „Висла“. Исто така беше изграден и во спомен на разурнувањето на православните цркви во Хелмшчина и Подласие во Септемвриската кампања и во Варшавското востание.
Централното благодарствено богослужение во чест на Православната црква во Полска и на нејзините верници ќе се одржи на 19 август 2024 година, на денот на празникот Преображение Господово на светата Гора Грабарка.
На централно ниво се предвидени следните јубилејни настани:
19 август 2024 година – општоцрковна празнична литургија со благодарствено-молебен карактер, на светата Гора Грабарка, со учество на поканети претставници на државните власти и со подигнување на 100 крста, како израз на благодарност кон Бога од верниците на ПАКП (Polski Autokefaliczny Kościół Prawosławny);
13 ноември 2024 година – денот на 100-годишнината од потпишувањето на документот за доделување на автокефалија. Централното богослужение во катедралниот храм „Света Марија Магдалина“ во Варшава со учество на претседателот на Република Полска. Концерт на црковна музика на Кралскиот Замок во Варшава;
24 ноември 2024 година – богослужебно, централно завршување на манифестациите во храмот „Света Софија“ во Варшава.
Во деновите на светителите – патрони на епископските катедрални храмови, во секоја епархија на ПАКП, ќе се одржат посебни богослужби, поврзани со јубилејот, заедно со читање на посланието од Светиот собор на епископите по повод 100-годишнината на автокефалијата; Во деновите на светителите – патрони, во секоја парохиска црква на ПАКП, ќе се одржат богослужби, согласно со кажаното погоре.
Покрај ова, ќе бидат организирани културни настани, поврзани со јубилејот од самостојноста на ПАКП: циклични, со акцент на 100-годишнината од автокефалијата, вклучувајќи го Меѓународниот концерт на црковна музика во Хајновка (мај 2024 година). Во поединечни епархии одредени концерти на црковна музика, како и научни сесии и тематски изложби што ги прикажуваат историјата на нашата црква и нејзиниот пат кон самостојност.
Во чест на јубилејот, Митрополијата во Варшава издаде специјален медал (кој може да се набави во епархиските центри), а во ноември оваа година ќе излезе во продажба и специјална поштенска марка на „Пошта Полска“, посветена на 100-годишнината од самостојноста на Полската Автокефална Православна Црква.
Извори: https://www.orthodox.pl/komunikat-kancelarii-metropolity-55/ , https://www.orthodox.pl/harmonogram-obchodow-100-lecia-autokefalii/