Високопреосвештениот Архиепископ Американски г. Елпидофор, од Цариградската патријаршија предизвика реакции со интервјуто кое неодамна го даде за грчкиот медиум lifo.gr. Во него тој се осврнува на спорното крштевање на деца на истополов пар, за што писмен протест беше упатен и од Светиот архијерејски синод на Грчката православна црква. За критиките против себе, вели дека се фашизам, а не православие.
После ова интервју, вомировениот Митрополит Амвросиј Калвритски од Црквата на Грција јавно го повика Архиепископот Елпидофор да се повлече од високата позиција во црквата и да се пензионира, обвинувајќи го дека е прекршител на моралните закони и предавник на православното предание.
Во продолжение следат деловите од интервјуто кои предизвикаа реакции.
– Има ли простор за модернизација во Црквата?
Со текот на годините Црквата се менувала и мораме да кажеме дека еволуирала. Очигледно, она што не може да биде засегнато се принципите на верата. Сè друго, сепак, може да се надгради. Несомнено, некои луѓе се вознемируваат дури и на зборот „промена“. Сметам дека извршувањето на нашите верски должности не може да биде загрозено, туку само се адаптира. Значи, се менува начинот на кој се изразува вистината на Евангелието. На свештениците ни се потребни самодоверба и храброст за да го зборуваме јазикот на секоја ера. Во спротивно, ќе успееме само да ја маргинализираме Црквата и да се поставиме себеси надвор од општеството. Размислете дека денес 70% од браковите [на православните верници] во САД се со неправославни [сопружници] и во многу случаи – со нехристијани. Значи, ако прифатиме менталитет на исклучување, секоја година нашето паство ќе се намалува. Црквата, сепак, отсекогаш ги прегрнувала и ќе ги прегрнува сите луѓе. Сите се прифатени и добредојдени.
– Бевте жестоко критикувани затоа што прв во Грција извршивте крштение на деца на истополов пар. После сето она што беше напишано и кажано во врска со тоа, дали се каете?
Најпрво да разјасниме, бидејќи и ова беше погрешно протолкувано, дека станува збор за крштевка, а не за венчавка. Кога родителите ме замолија да ги крстам нивните деца, како што сум должен да направам, јас прифатив со голема радост. Освен тоа, кумовите беа православни и немав апсолутно никаква причина да одбијам. Новопојавениот аргумент и навистина неверојатен критериум што го користат некои, дека треба да ги раздвојуваме луѓето врз основа на нивниот љубовен живот, не е православие, не се смета ниту како човечки став. Не можеме сексуалното однесување и љубовниот живот на луѓето да го сметаме за единствен критериум според кој нив ги прифаќаме или отфрламе. Тоа се невидени работи и би рекол дека во Грција се резултат на увезен западен пуританизам. На пример, тие го толкуваат прародителскиот грев како сексуален. Ако ја читате книгата „Битие“, никаде не се наведува ниту сексот ниту дека прародителскиот грев бил поврзан со „сексуален“ чин. Всушност, тој [грев] не беше ништо друго освен отфрлање на Божјиот авторитет во моралните прашања, непослушност [кон Бога], односно злоупотреба на слободата на избор. Не знаеме ниту дали беше јаболко, дали воопшто беше овошје, бидејќи не е важно. Мотивацијата беше себичност и славољубие, а не секс или љубов. Се работи за Пуританска конструкција и за ништо друго, насочена кон предизвикувањето на грижа поради сексуалните дејствија и на љубовното однесување, а на овој наратив за вина, кој нема никаква врска со христијанското учење, некои се потпреа за да ги контролираат луѓето, проектирајќи наследно казнување. Така, и во Грција стигнавме до овој екстремен феномен, сексуалното однесување на една личност да стане критериум за дискриминација во професионалната, социјалната или политичката сфера, па дури и во рамките на Црквата. Тоа е целосно антихристијански, во грчката култура никогаш не се вагал ниту еден човек според неговото љубовно однесување. Мора да ги осудиме сите форми на насилство, вербално и физичко, и да ги осудуваме омразата и предрасудите засновани на различноста на секој човек.
– Дали бевте вознемирени од критиките и што се пишуваше за вашето патување на Света Гора и неговото можно одложување затоа што нема да ве примат?
Критиката нè прави сите подобри и не ми пречи. Она што ме вознемири е тоа што настаните беа погрешно претставени, нешто што ја отсликува вистинската намера на луѓето кои протестираа. Она што на крајот го видовме дека се случува е кампања на оцрнување што се граничи со жолт печат. Повторувам, сè што направив е да крстив две деца. И тоа е нешто што би го направил повторно, без никаква потешкотија.
— По повод донесувањето на законот за брачна еднаквост, слушнавме жестоки изјави од некои митрополити, како онаа на Николај Месогејски, кој во својот опширен предлог на седницата на Светиот архијерејскиот синод хомосексуалноста ја нарече перверзија и изјави дека „нашата најголема грешка би била да прифатиме дека хомосексуалниот чин, освен ментално растројство, не е ниту грев“. Како го коментирате тоа?
Видете, јас внимателно ги слушам сите луѓе кои бараат мој совет. Но, јас не сум ниту психолог, ниту психијатар. Затоа, да излезам во јавноста и да жигосувам било кој, не кријам од вас дека тоа го сметам за фашистичко. А фашистичките однесувања се засноваат на наметнувањето на чувство на вина заради некоја причина врз нашите сограѓани. Имаме видено во историјата да се случува ова, на пример – со нацистите. Ова е исклучително опасен мисловен склоп, кој се манифестира во различни аспекти. Погледнете што се случува со растечкиот тренд на антисемитизмот. Затоа, дали може да оставиме впечаток дека Црквата ги благословува или прикрива или толерира со своето молчење таквите ставови? Ова е терминална болест, карцином кој ќе се прошири на и другите делови од телото. Денес можеби се Евреите, утре хомосексуалците, задутре црните, потоа русокосите и во одреден момент фашизмот и ќе почувствуваме како ладниот метал ни го сече вратот. Конкретно, степенот на антисемитизам на едно општество покажува колку е тоа здраво. Тоа се идеологии кои ги раскрвавија Европа и светот и не можат да имаат врска со христијанската теологија, колку и да се обидуваат некои да ги облечат своите екстремни идеолошки фантазии со христијанска наметка.
– Имаше и некои митрополити кои тврдеа дека на оние кои гласаа за законот за брачна еднаквост треба да им се забрани влез во црквите. Што мислевте за ова?
Видовте како напредува ракот за кој ви кажував? Дали гледате дека кога ќе оставите нешто, тоа прогресира? Мора да се пресече абсцесот и да се стави граница, затоа што е многу можно ние како општество да сме во опасност. Значи, јасно е дека Црквата не прифаќа фашистички ставови.