Свети отец Руперт

Протојереј Златко Ангелески

Основач на градот Салцбург, чиј спомен православната црква го слави на 27 март
(?-718; латински: Rupert; германски: Rupert von Salzburg)

За раѓањето и младите години на свети Руперт денес нема никакви податоци, освен тоа што тој потекнувал од франечко семејство. Како епископ во германскиот град Вормс, во 697 година ја напуштил епископската катедра и заминал во мисионерска дејност во Баварија. Откако пристигнал во Регенсбург, тој го покрстил баварскиот управник Теодон и од него добил дозвола за мисионерење во Баварија. Иако христијанството во Баварија веќе било проповедано, сепак, тоа немало пуштено длабоки корени. Својата мисионерска дејност ја започнал во домот на Теодон, кога покрстил голем дел и од неговите велможи, а потоа тргнал по текот на реката Дунав, каде што започнал активност со подигнување на нови цркви и утврдување на веќе постоечките. За центар на својата мисионерска дејност, тој ја избрал поранешната римска колонија Јувавум, на реката Салцах, притока на Дунав. Управникот Теодон му подарил земја за основање на манастир, кој подоцна бил изграден на една стрмна и скалеста планина. Манастирот бил посветен на Свети Петар, а планината, под која се наоѓал, почнала да се нарекува Менхсберг (планина на монасите). Манастирот постанал центар на новиот град, кој, благодарение на големите наслаги од сол во околината, бргу се развивал. Токму солта и му го дала новото име на градот – Салцбург (град на солта).

Свети Руперт се упокоил во 718 година, во манастирот, кој лично го основал. Прогласен е за заштитник на градот Салцбург, а Православната Црква неговиот спомен го слави на 27 март според Јулијанскиот календар.