Неговата Светост Цариградскиот Патријарх г.г. Вартоломеј во сабота на 18 мај 2024 година, во Фанар ја прими делегацијата на архијереи, свештенство и поклоници од Бугарската православна црква, предводена од Високопреосвештениот Митрополит Пловдивски г. Николај.
Во своето поздравно слово, Неговата Светост им посака добредојде на архијереите: Николај Пловдивски, Кипријан Старозагорски, Јаков Доростолски, Сиониј Велички, и Висарион Смоленски, на свештенството, и на уважените гости: г. Радомир Чолаков, пратеник на политичката партија ГЕРБ, Здравко Димитров, поранешен градоначалник на Пловдив, Борис Калибачев – бизнисмен и група псалти.
„Се молиме за упокојување на душата на блаженоупокоениот патријарх Неофит“, рече Патријархот Вартоломеј, и продолжи: „Вчера примив љубезно писмо од братот Григориј, Митрополит Врачански, Местобљустител на Патријаршискиот трон, кој во име на целата Бугарска црква, ме покани да бидам присутен на изборот и устоличувањето на новиот Претстоител на сестринската Бугарска црква. Многу љубезно од ваша страна што лично го поканите Вселенскиот Патријарх во овој историски момент од животот на вашата Црква“.
Како што рече Неговата Светост, на 30 јуни, кога треба да се одржат изборите, имал во план да ја посети Митрополијата на Арта. „Ќе се обидам да ја сменам програмата, бидејќи оваа покана ја сметам за многу значајна и благословена и мојата желба да се одзвам на неа е соодветна. Се надевам дека братот Митрополит на Арта, каде што беше предвидено да служам на тој ден, ќе покаже разбирање и ќе можеме да ја измениме програмата.“
Завршувајќи го своето обраќање, Патријархот истакна дека „живееме во тешко време во кое сведочењето на Православната Црква е повеќе од потребно и за ова сведоштво ни треба единство и љубов, за да бидеме веродостојни. Од оваа гледна точка, повторувам, дека вашата посета, средбата на сите нас, во Мајката Црква е историска, таа е многу важна“.
„Не забораваме дека Бугарската црква е првородена ќерка на Цариградската црква. Затоа, дури и да имало непријатни моменти во животот на нашите Цркви во минатото, односот меѓу мајката и првородената ќерка е секогаш свет и неуништлив однос“, заклучи Патријархот Вартоломеј.
Вечерта сите, заедно со претставниците на Православната црква на Украина (ПЦУ) отидоа на вечера во хотелот Чираган, на брегот на Босфор, каде што во срдечна братска атмосфера беа разменети подароци во спомен на заедничкото сослужување.
Извор: https://ec-patr.org/πρόσκληση-της-ιεραρχίας-της-εκκλησία/