Поглаварот на Литванската православна црква, Митрополитот Виленски и Литвански Инокентиј во врска со формирањето на Егзархат на Цариградската патријаршија во Литванија

Откако Министерството за правда на Литванија официјално соопшти за регистрацијата на Егзархатот на Цариградската патријаршија во Литванија, Митрополитот Виленски и Литвански Инокентиј ги искажа своите гледишта во интервју, дадено за „Православна Литва“ (може во целост да се прочита тука) – официјално гласило на Литванската православна црква, која е во склоп на Московската Патријаршија.

Во почетокот на својот осврт кон новонастанатата ситуација, Митрополитот Инокентиј нагласува дека на сѐ што се случува во светот, а и во секоја земја одделно, „треба да се стремиме да гледаме со духовен поглед, потпирајќи се на Светото Писмо, на учењето на Црквата и на светите отци. За човечкиот ум е невозможно да проникне во тајните на чудесната и премудра Божја промисла за нашата човечка цивилизација, која има свој почеток и свој крај, по што ќе следи Страшниот Суд Господов.“

Поконкретно, во контекст на амбиентот во литванското општество, во однос на верскиот живот, тој изразува разбирање за разновидниот поглед и пристап кон овој сегмент од живеењето. Истовремено, го истакнува и го поткрепува правото на израз на свој поглед на сите, но секогаш имајќи ги предвид мирот и стабилноста во општеството. „Да, во Литванија се формира нова слика на религиозното живеење… Сите ние од Бога сме го добиле дарот на слобода на дејствување, а од секого од нас и од нашата духовно-морална состојба зависи како ние ќе го употребуваме“ – нагласува Митрополитот.

За свој Егзарх во Литванија, Цариградската патријаршија го постави јеромонах Јустин Кивилоо. Во меѓувреме, тој се огласи во јавноста со неколку интервјуа, искажувајќи го својот поглед на состојбите. Според Митрополитот Инокентиј: „Неговите размислувања, проценки за минатото и мисли за идното оставаат противречен впечаток. Од една страна, тоа зборува за неговата црковност, за личните позитивни квалитети, за широчината на размислувањето и за реалистичност во пристапот. Но, од друга страна, гледаме дека неговата слобода на мисла е ограничена од црковната политика на Цариградската патријаршија, со која не се согласни повеќето помесни Православни Цркви. Тука треба да се забележи неговиот добронамерен тон, трезвеноста на мислата во однос на многу сложени прашања, како што е, на пример, црковната сопственост. Тој директно кажа дека е категорично против одземање на храмови, кои се наоѓаат во нашата Црква, со која тој има намера да биде во мирно сопостоење. Се разбира, тоа може да се оцени само како позитивно.“

Доминантното население во Литванија е со римокатоличка вероисповед. Припадниците на останатите вероисповеди, вклучувајќи ја и православната, се малцинство. Затоа, на многумина не им е позната историјата и актуелната состојба на Православието во оваа балтичка земја.

„Канонското постоење на нашата Црква, тука во Литванија, не го оспорува никој во православниот свет. Тоа има историја од над триста години, вклучувајќи го во тој број и периодот на првата независност на Литванија. Во 90-те години на минатиот век, сега вомировениот Митрополит Хризостом и останатите свештенослужители го подржаа стремежот на литванската држава кон независност. Нашата позиција оттогаш останува апсолутно непроменета. Нашата православна заедница е правно призната како традиционална и е втора по големина религиозна заедница во Литванија, и според бројот на парохии, и според бројот на свештенослужители и верници. Ние имаме илјадници активни членови, а како православни се декларираат повеќе од сто и дваесет илјади луѓе. Нашата Црква дејствува согласно уставот и литванските закони, а исто така потполно ја сфаќа одговорноста за сочувување на мирот и слогата во општеството. Во нашите храмови доаѓаат сѐ повеќе луѓе, меѓу кои и бегалци од Украина. Тие активно учествуваат во духовниот живот на нашата Црква и благодарат за доброто однесување и за помошта кон нив. Тие не гледаат во нашите храмови никаква политика, туку, напротив, забележуваат усрдни молитви за мир во Украина, за литванската држава, за нејзините власти, војска и народ“ – објаснува Митрополитот Инокентиј.

Минатата година, петмина свештеници од Литванската православна црква беа дадени на црковен суд, по што беа лишени од свештенички чин. Набргу потоа, истите побараа и добија помилување од Светиот архијерејски синод на Цариградската патријаршија. Тогаш, тие тврдеа дека причина за нивно судење и расчинување е нивната осуда на војната во Украина, што не било прифатливо за Литванската православна црква. Митрополитот Инокентиј се осврна и на ова прашање.

„Тие направија црковен раскол, за што ќе дадат одговор пред Бога, а другите само ги искористија нивните неканонски дејствија за свои интереси. Во 2022 година, бившите свештенослужители внесоа огромен смут во животот на православните во Литванија, извршија неканонски дејствија и лажно го обвинуваа своето свештеноначалство во Литванија за поддршка на војната во Украина. Околу расчинетите свештенослужители се создаде и активно се распространува митот, кој стигна дури и до Стејт Департментот на САД, за тоа дека причините за казнување на поранешните клирици не произлегуваат од црковни критериуми, туку од нивното несогласување со војната во Украина. Тоа е сосема неточно! Мојата јавно изразена антивоена позиција во првите денови на војната широко се распространи. Таа беше слушната од литванското општество и останува непроменета, за што ние постојано се изјаснуваме на сите нивоа. Таа позиција е одобрена од свештеноначалството, од духовниците, од мирјаните и од севкупниот собор на нашата Литванска православна црква… Нашата позиција против војната останува непроменета до денес.“ – истакна Митрополитот.

Како друга причина, поради која беа расчинети спомнатите свештеници, беше наведено нивното одбивање да го спомнуваат на богослужбите рускиот Патријарх Кирил, поради неговите изјави во врска со војната во Украина. Во врска со оваа тема, поглаварот на Литванската православна црква вели:

„Спомнувањето на Патријархот не претставува поддршка на неговите изјави или погледи, туку за нас тоа е знак и неопходен услов за каноничноста, односно за припадноста кон севкупното Православие. Впрочем, имајќи ја предвид целата сложеност на ситуацијата, во првиот месец од војната јас благословив, во нашата литванска, а подоцна и во украинската заедница, богослуженијата  да се одвиваат без спомнување на Патријархот. Таа пракса се запазува и сега. И Цариградскиот патријарх Вартоломеј го спомнува Патријархот Кирил, иако не е согласен со неговата политичка позиција.“

Егзархот на Цариградската патријаршија изрази желба за средба со Поглаварот на Литванската православна црква. Доколку дојде до таква средба, Митрополитот Инокентиј е подготвен да му ја достави целокупната документација во врска со црковно-судскиот процес против петмината свештенослужители, како и други сведоштва и нивни јавни изјави, дадени во различни интервјуа. „Политичките и антивоени погледи на тие клирици немаа ни најмало значење при донесувањето на решението на црковниот суд“ – нагласи Митрополитот Инокентиј.