Интервју со о. Јустин Кивилоо

Литургија.мк веќе ја пренесе веста дека во тек е формирање на помесна православна црква во Литванија, Егзархат кој ќе биде под јурсидикцијата на Константинополската Патријаршија. За претстоител на новата црковна структура е поставен о. Јустин Кивилоо, клирк на Естонската православна црква под јурисдикција на Константинополската патријаршија. Отецот Јустин Кивилоо е роден 1962 година во градот Рапла, во Естонија. Тој е свештеномонах, во свештенички чин е од 2013 година, а до сега опслужувал три парохии во Естонија.

Тој неодамна даде опширно интервју за „Новаја Газета. Балтија“ (кое во целост може да го прочитате тука), во кое зборуваше за устројувањето на новата помесна црква во Литванија и за состојбата во Православната црква во Литванија. Потсетуваме дека во Литванија постои Православна црква под јурисдикција на Московската Патријаршија – тоа е Епархијата на Вилнус, која брои околу 140.000 верници, со што претставува втора по големина верска заедница во Литванија, после Римокатоличката црква.

Во интервјуто, о. Јустин вели:

„Зошто воопшто е создаден егзархат во Литванија? Неколку свештеници коишто служеа во црквите под Московската Патријаршија, истапија против војната во Украина и против изјавите на Патријархот Кирил, кој ја оправдува војната. Тие го изразија своето несогласување со тоа, изјавувајќи дека поддршката на војната е против црквата и против нивната совест. Заради тоа тие беа расчинети. Тие се обратија за помош до Вселенската Патријаршија, за да бидат вратени во чин и да се оформи структура независна од Московската Патријаршија.

Во март минатата година Патријархот Вартоломеј беше во Литванија и вети дека ќе направи сè што е можно за тие свештеници повторно да бидат вратени во чин. Бидејќи расчинувањето не беше според црковните закони – тие свештеници беа против мислењето на црквата, а не против каноните – затоа и Патријархот Вартоломеј лесно може да ги врати во свештенички чин. Нивната казна не беше по каноните, тие сè правеа правилно. Затоа Патријархот Вартоломеј не гледа никаков проблем во тоа да ги врати во свештенички чин, и тие свештеници сега можат спокојно да служат.

За да се создаде егзархат, потребен е егзарх и Патријархот бараше кандидати. Минатото лето тој беше во Естонија и го праша Претстоителот на нашата Естонска апостолска православна црква, Митрополитот Стефан, дали тој има кандидати. Митрополитот Стефан ме предложи мене за кандидат.“

На прашањето: „Зошто кандидат токму од Естонија?“ о. Јустин одговара:

„Првенствено бидејќи Естонец, или некој од другите балтички земји, може подобро да го разбере она што тука се случува, одошто луѓе од Италија или од Франција. А второ – веќе повеќе од 20 години служам во црква заедно со Митрополитот Стефан. Тој дојде во нашата црква кога таа повторно стана автономна, и со нас почна практично од нула да создава црковна структура во духовна смисла, а и во физичка. Јас имам такво искуство – да бидам присутен и да гледам како тоа се прави. Сега, мене ми е укажана таква чест и доверба, да можам тоа да го правам во Литванија“.

Понатаму, на прашањето „Какво ќе биде устројувањето, структурата и дали ќе се протега во сите балтички земји?“ о. Јустин вели:

„Естонија има свои естонски православни цркви, таму не треба ништо да се додава. Во Литванија не е сосема јасно што се случува, но таму практично нема таква автономна црква, има епархија на Московската Патријаршија. Сега почнуваме да ја оформуваме структурата на Вселенската Патријаршија во Литванија, и таа ќе постои само во Литванија. Црквата е помесна, не може да се протега зад границите, во друга земја“.

Во врска со устројството на новата црква о. Јустин објаснува:

„Ова е почетокот. Најпрвин, сега е во процес регистрацијата. Секаде е потребно најпрвин да се регистрира црквата, за да соодветствува на законите на државата. Ние направивме устав и во скоро време ќе го предадеме на властите да го разгледаат и да извршат регистрација.

Егзархатот нема ниту еден свој храм. Ние служиме во цркви на католиците; и лутеранците ни дадоа можност да служиме во нивните цркви, така што другите христијани ни помагаат со места каде што можеме да служиме. Така што, да, не можам да кажам кога, но имаме планови и идеи да изградиме и свои физички цркви.

Црквата, секако, не се само ѕидовите, сводот, куполата и крстот, туку најпрвин тоа се верните. А ние имаме верници. Мислам дека официјалната регистрација ќе биде поттик и други луѓе да дојдат кај нас, оние кои не се согласуваат со тоа што се случува во црквата на Московската патријаршија“

А во однос на тоа што се случува со имотот на Московската патријаршија, о. Јустин категорично изјавува:

„Луѓето имаат различни мислења, и во Литванија има различни гласини. Имаше дури и изјави од одредени литвански политичари, дека имотот на црквата каде што сега служи Московската патријаршија треба да се одземе. Ме прашаа и мене – јас сум категорично против тоа. Ние треба самите да си изградиме свои цркви и таму да служиме.“

Од првата служба на православните кои се приброени кон Константинополската црква

Опишувајќи ја првата служба во Вилнус, о. Јустин вели:

„Помина многу добро. Во Вилнус имаме четири парохии, и бидејќи беше сабота, сите парохии се собраа заедно. Имаше многу народ и свештеници, кои обично служат или на литвански или на црковнословенски, и служеа на четири јазици на истата литургија – на литвански, црковнословенски, белоруски и украински. Секој свештеник служеше на својот јазик и сите парохјани од тие народи беа таму. Така што тоа беше еден голем Вавилон од народи.

За мене, да се раководи првпат со таква служба, како првосвештеник – беше силно чувство, и ми беше многу мило. Ја чувствував близината на Бога и на луѓето кои таму се собраа.“

А на прашањето „Како го примивте овој пресврт во Вашиот живот?“ о. Јустин одговара:

„Предлогот на Патријархот Вартоломеј дојде во јуни, а во мај јас воопшто не размислував за таков пресврт. Дури на некои луѓе кои ме прашуваа зошто не одам да служам на друго место им велев дека не сакам. Мене Естонија многу ми се допаѓа и не сакам никаде да заминам од таму. И одеднаш – таква промена.

На колегите свештеници во Литванија им кажав – да тоа е за мене сосем необично, но јас бев заедно со митрополитот околу 20 години и ги видов сите тие приеми, кога се среќаваше со многу важни луѓе. Тие сите битни нешта се случуваа не заради мене, туку заради митрополитот. А после саботната служба во Вилнус, и после литургијата – имаше море од микрофони! Никогаш не сум видел таков огромен интерес кон својата личност. Тоа беше многу необично и јас се пошегував, зборувајќи со свештениците, дека [фудбалскиот клуб] Жалгирис во последно време игра толку лошо, што јас станав попопуларен од Жалгирис. Моето назначување е добра вест, а кај Жалгирис во последно време нема добри вести.“