Претстоителот на Јапонската православна црква и Митрополитот Волоколамски отслужија Литургија во Токио

Фотографии: mospat.ru

На 21 април 2024 година, во петтата недела од Великиот пост, Претстоителот на автономната Јапонска православна црква, Архиепископот на Токио и Митрополит на цела Јапонија г.г. Серафим и раководителот на Одделот за надворешни црковни врски на Московската патријаршија, Митрополитот Волоколамски г. Антониј, отслужија Божествена Литургија во соборниот храм на Воскресението Господово, во Токио.

Еден ден претходно, со благослов на Неговата Светост Патријархот Московски и на цела Рус г.г. Кирил, владиката Антониј пристигна во кратка посета на Јапонија.

На архијереите им сослужуваа локалното свештенство и секретарот на раководителот на споменатиот оддел, ѓаконот Николај Васин.

Богослужбата беше отслужена на јапонски, црковнословенски и англиски јазик.

По отпустот на Литургијата, митрополитот Серафим срдечно го поздрави митрополитот Антониј и изрази радост поради неговото пристигнување во Земјата на изгрејсонцето, гледајќи во тоа важен знак на единството на Јапонската православна црква со мајката црква – Московската патријаршија.

Владиката Серафим упати зборови на благодарност до Неговата Светост Патријархот Кирил и истакна дека православното паство на Јапонија секогаш се моли за Неговата Светост.

Митрополитот Серафим, исто така, изрази благодарност до Митрополитот Антониј за неговото лично внимание и активната помош што Одделот за надворешни црковни врски ја дава во решавањето на голем број прашања поврзани со животот и активностите на Јапонската православна црква.

Во одговор, претседателот на Одделот му се заблагодари на епископот Серафим за неговото гостопримство и за можноста за заедничка молитва. Митрополитот Антониј, исто така, им го пренесе на Претстоителот, свештенството и паствата на Јапонската православна црква благословот од Неговата Светост Патријархот Московски и на цела Рус г.г. Кирил.

По богослужбата, архијереите остварија братски разговор, при што разговараа за широк круг прашања. За време на престојот во Јапонија, Митрополитот Волоколамски Антониј изврши молебен во гробницата на Светиот рамноапостолен Николај Јапонски и се сретна со настојателот на Подворјето на Руската православна црква во Токио, протоереј Николај Кацубан.

Извор: https://mospat.ru/ru/news/91673/