Во сиропусната недела, на 17 март 2024 година, во Соборниот храм „Св. вмч. Георгиј“ во Нови Сад беа отслужени Вечерна богослужба и Мало повечерие. На богослужбата присуствуваше надлежниот епископ Бачки Иринеј. На крајот од Малото повечерие, Епископот Иринеј ги прочита молитвите пред почетокот на постот. По завршувањето на богослужбата, тој им се обрати на присутните верници, порачувајќи го следново:
„Последната етапа од нашата подготовка, при самото влегување во Чесниот и велик пост, се однесува токму на меѓусебното простување пред Живиот, Вистинит и Човекољубов Бог, Кој на сите нас, најпрво, ни го прости прародителскиот или првородниот грев преку кој, во лицето на Адам и на Ева, целиот човечки род згреши пред Бога. Но, ни ги прости и сите поединечни гревови. Ние сме повикани, кога ќе згрешиме во однос на светата и спасоносна Божја волја, преку тајната на покајанието и на исповедта пред Бога, повторно да бидеме вратени во сета онаа полнота на благодатта и на духовната чистота, која сме ја добиле на светото крштение, а која, особено, ја добиваме на светата Литургија, преку причестувањето со Христовите Тајни. Ние сме секогаш во прилика, понекогаш свесно и доброволно, а понекогаш несвесно и доброволно, да доаѓаме во ситуации еден со друг, на некој начин, да се нажалиме, навредиме и понизиме. Тоа понекогаш се случува и само во мислите и не мора да биде изразено со зборови, ниту со некакви злобни постапки. Но, и тоа, во суштина, е едно и исто со она што се случува и со дела и со зборови. Затоа не постои никој од нас, кој нема потреба и света должност, искрено, да побара и да прими простување на сѐ од ближните, па тогаш, со смирение и со благодарност кон Господ, да влеземе во овие свети денови – денови на покајание, на смирение, на молитва, на добри дела и на воздржание од сѐ што не е неопходно“.