Кипарскиот Архиепископ даде појаснување во врска со неговата изјава за автокефалија на Црквата во Црна Гора

По средбата со црногорскиот претседател, Кипарскиот Архиепископ Георгиј даде изјава, во која навестува очекување на автокефалија за Црквата во Црна Гора (за што известивме). На 8 јуни 2024 година, информативната служба на Кипарската Црква објави појаснување во врска со тоа, дадено од Архиепископот Георгиј. Во продолжение следи неговото појаснување:

„Би сакал да разјаснам нешто во врска со мојата вчерашна изјава, која веројатно доведе до погрешни толкувања и впечатоци. Со претседателот на Црна Гора воопшто не дискутиравме, ниту го допревме прашањето, кое се однесува на автокефалната Црква на Србија или на локалните црковни власти во Црна Гора.

Веројатно, она што доведе до погрешно толкување беше мојот одговор на новинарско прашање за нашите односи со Црквата на Црна Гора. А јас точно одговорив дека нашите односи се одвиваат со автокефалните Цркви, нагласувајќи дека Црквата во Црна Гора не е автокефална. Со таа моја изјава не подразбирав, ниту подразбирам дека очекуваме или дека сме благонаклонети кон автокефална Црква во Црна Гора.

Црквата на Кипар не поставува прашање за автокефалија на Црквата на Црна Гора, која е во склоп на Српската Патријаршија. Такво нешто не спаѓа во нашата надлежност.“

 Извор: https://churchofcyprus.org.cy/92707