Во рамките на својата посета на Кипар, на 7 јуни 2024 година, црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ ја посети Кипарската Архиепископија. Тој прво го посети стариот катедрален храм „Св. Јован“, се поклони и се запозна со неговата историја. Потоа, тој беше примен од Кипарскиот Архиепископ Георгиј.
По средбата и по размената на подароци, Кипарскиот Архиепископ кажа дека како водач на православна држава, во која Црквата одиграла и игра важна улога за зачувување на нивната национална и верска самосвест, претседателот на Црна Гора сметаше дека е добро да го посети.
„Имавме многу интересен разговор за прашањата, кои го засегаат православието воопшто, но и за нашето национално прашање, како и за нивниот напор да бидат примени во Европската унија. Ова беше многу добар разговор“ – додаде Архиепископот.
Запрашан дали би можела да постои понатамошна соработка меѓу двете земји и на ниво на Цркви, тој кажа дека постои заедничка вероисповед.
„Црквата на Црна Гора сѐ уште не е автокефална, а мислам дека сѐ што важи меѓу сите други православни, постои и меѓу нас. Кога, со Божја помош, ќе станат автокефални, тогаш нашите односи секако дека ќе имаат понатамошен развој“ – нагласи Кипарскиот Архиепископ.
Претседателот на Црна Гора Јаков Милатовиќ, по повод неговата средба со Кипарскиот Архиепископ, ги нагласи основните предуслови за изградба на траен мир. Преку неговиот профил на социјалната мрежа X, тој ги изрази своите впечатоци:
„За време на официјалната посета на Кипар, разговарав со поглаварот на Кипарската православна црква, Неговото високопреосвештенство Архиепископ Георгиј. Во предизвикувачките геополитички моменти, со кои денес светот се среќава, зајакнувањето на дијалогот и подоброто разбирање меѓу народите се клучни предуслови за изградба на траен мир, на што сите мораме да бидеме посветени“ – нагласува црногорскиот претседател.