На 27 мај 2024 година, во православната црква Света Троица, во Хајновка, се одржа конференција на свештенството на Варшавско-биелската епархија. Годишната средба започна со света Литургија на која началствуваше Неговото Високопреосвештенство Архиепископот Биелски г. Григориј, во сослужување со Преосвештениот Епископ на Хајновка г. Павел, Преосвештениот Епископ Сиематички г. Варсонуфиј, ѓаконството и свештенството на епархијата. Во олтарот се помоли Неговото Високопреосвештенство, Блаженејшиот Митрополитот Варшавски и цела Полска г.г. Сава. Пееше хорот на свештенството на Варшавско-биелската епархија, под диригентство на протоѓаконот Марек Мациука.
За време на светата Литургија беседеше парохот на црквата „Покров Богородичен“, во Биелск Подласки, о. Лукаш Бартошук. Тој го истакна примарното значење на светата Евхаристијата, како црковно таинство, во човечкиот стремеж кон спасението. Светата Евхаристија е вистинска средба со Бога. Со примањето на најсветата тајна се соединуваме со Христа. Телото и Крвта на Спасителот, за разлика од материјалната, секојдневната храна која само за кратко ги зајакнува виталните сили, е храна која дава вечен живот.
Пред верниците да се пристапат кон светата Евхаристијата, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Сава, прочита молитва пред почетокот на епархискиот собир, а потоа со татковска поука им се обрати на собраните во храмот. Православната црква е жив организам кој го соединува човекот со Бога. Во центарот на животот на Црквата е светата Литургија. За време на нејзиното празнување присутен е и самиот Исус Христос, кој раководи со сè, и дава благодат што го збогатува човекот. Оној што ја отфрла евхаристиската вистина се одделува од Црквата. Митрополитот Сава посвети многу внимание на проблемите што произлегуваат од неправилниот пристап кон Светата Евхаристија, што резултира со кршење на црковните норми и, следствено, исклучување од црковната заедница. Тој го охрабри епархиското свештенство да ја подигне свеста на парохијаните, набројувајќи ги вознемирувачките појави во денешното време што доведуваат до ослабување на семејните и општествените врски, а често и до духовно пропаѓање. Сето ова бара од свештенството и верниците цврста, негативна оценка и дистанцирање од новите трендови кои се појавуваат во светот.
По завршувањето на светата Литургија, Митрополитот Сава го освети новоизградениот парохиски центар. Обраќајќи му се на локалното свештенство, тој порача „вратите на овој дом секогаш да бидат отворени за секој што бара вистина или помош“. „Запомнете дека домот на свештеникот треба да даде пример. Посакувам ова место да биде исполнето со љубов и мир“ – истакна Претстоителот на Полската православна црква.
Пленарниот дел од конференцијата, посветен на темата: „Суштината на Црквата – автокефалност. Догматскиот и канонскиот аспект“ го отвори Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Сава. Во воведот кон темата на собирот, тој ги посочи актуелните проблеми што го засегаат православието. Потоа, тој пред присутните го претстави извештајот за активностите на Варшавско-биелската епархија за 2023 година.
Следуваше извештајниот дел од конференцијата, при што беа изложени извештаи во врска со: функционирањето на парохиите, финансиската состојба, заштитата на личните податоци и функционирањето на социјалниот фонд, добротворните активности, веронауката, работата со младите и др.
Извор: https://www.orthodox.pl/konferencja-duchowienstwa-diecezji-warszawsko-bielskiej-9/