Фотографија: mitropolia.md
На 23 април 2024 година, во епархискиот оддел на Кишиневско-молдавската митрополија се одржа седница на Синодот на Православната Црква на Молдавија (која е под јурисдикција на Руската православна црква). Со седницата претседаваше Митрополитот Кишиневски и на цела Молдавија Владимир. На седницата беа разгледани различни аспекти од црковниот живот и беа донесени адекватни одлуки.
Меѓу другото, Синодот донесе одлука за расчинување на свештенослужителите, кои неодамна, без канонско отпусно писмо, преминаа под јурисдикција на Бесарабската митрополија на Романската православна црква. Исто така, ним им се одземаат сите црковни награди, кои ги добиле за време на нивната пастирска служба.
„Со оглед на времето, кое им беше оставено на свештенослужителите, со цел да се поправат и да принесат потполно покајание пред лицето на црковната јерархиска власт, и земајќи го предвид нарушувањето на заклетвата што ја дале пред ракополагањето, а исто така и нивното своеволно и, канонски, неосновано заминување од црковната јурисдикција на Белцко-Фелештската епархија на Православната Црква на Молдавија и присоединување кон други религиозни организации, се лишуваат од свештениот чин следниве свештенослужители: свештеник Виктор Цуркану, свештеник Јован Миљак и јероѓакон Августин Катане“ – се вели во синодското соопштение.
Ваквата своја одлука, Синодот ја темели врз редица свештени канони, кои се поединечно наведени во соопштението. Исто така, Синодот го утврди текстот на обраќање кон спомнатите свештенослужители, со кое тие повторно се повикуваат да се покајат и да се вратат во Црквата, од која заминаа на таков начин.
„Ние со непоколеблива надеж го очекуваме вашето брзо враќање во нашата Света Црква. Браќа, оставете ја својата гордост и вратете се во својата претходна благодатна состојба“ – се вели на крајот од обраќањето.
Синодот одлучи и да ги вброи во диптихот на светителите, новомачениците: јеромонах Викентиј Кимитјук и неговата мајка Гликерија Кимитјук. Тие биле убиени на 17 јануари 1957 година во селото Ташлик, во Григориполската област.