Фотографија: МВР на Естонија
Откако пред скоро време естонскиот Министер за внатрешни работи Лаури Лаенемец изјави дека ќе побара од Естонскиот парламент да ја прогласи Московската патријаршија за терористичка организација (за што веќе известивме), што ќе има последица да биде забранета дејноста на Московската патријаршија, односно на Естонската православна црква, тој продолжува со притисоците православните во Естонија да ги прекинат своите врски со Московската патријаршија.
На 23 април 2024 година тој, заедно со неговите советници го посетија Пјухтицкиот женски манастир „Успение Богородично“, во Вирумаа, Естонија. Средбата се одржа на иницијатива на министерството. Од страна на манастирот на средбата присуствуваа игуманијата Филарета (Калачова), најсториот свештеник на манастирот, игуменот Самуил (Караск), правникот на манастирот и преведувач.
Министерот изрази загриженост за влијанието врз православното паство на изјавите на патријархот Кирил во врска со неговиот став за „воената операција во Украина“, како и мислењето на Патријархот изразено на Светскиот руски народен собор во март оваа година. Целта на посетата, според министерот, беше да се разговара за можниот излез од сегашната ситуација.
Господинот Лаенемец изјави дека државата не сака да го влоши конфликтот со православните верници, затоа се предлага да се разгледа прашањето за напуштање на ставропигијалниот статус на манастирот за да се исклучи можноста за духовно влијание на Патријархот Московски и на цела Рус г.г. Кирил.
Игуменијата Филарета им се заблагодари на министерот и неговите советници за можноста за дијалог и за желбата на владата да најде начини за решавање на проблемите што се појавија. На предлогот на министерот одговорија:
1. Пјухтицкиот манастир ставропигијален статус доби од блаженоупокоениот патријарх Алексиј II во 1990 година. За манастирот споменот на овој патријарх е свет, бидејќи во времето на Хрушчов, тој, како надлежен архијереј, го спасил манастирот од затворање. Двете страни се согласија дека за време на своето постоење Пјухтицкиот манастир не се компромитирал со учество во политички акции и не дозволувал да биде манипулиран од никакви политички сили.
2. Ставропигијалниот статус е пропишан во Уставот на манастирот, во кој се вели дека не е можна промена на јурисдикцијата. Следствено, манастирот не може самиот да иницира откажување од ставропигијален статус.
Доколку владата на Република Естонија, претставена од министерот за внатрешни работи, инсистира на промена на јурисдикцијата на манастирот, тогаш, како иницијатор на процесот, самата влада може да се обрати до патријархот Кирил со предлог за укинување на ставропигијалниот статус на Пјутицкиот манастир. Игуменијата Филарета истакна дека овој пат е канонски легитимен за монахињите од манастирот. За манастирот, единствениот прифатлив резултат од процесот на укинување на ставропигијата е гаранцијата од владата на Република Естонија за слободата на манастирот да избира јурисдикција и манастирот да нема никаков притисок по ова прашање.
Од своја страна, викарот на Престоителот на Естонската апостолска православна црква – која е автономна црква во рамките на Цариградската патријаршија – протојерејот Матеј Пали изјави Естонската апостолска православна црква е подготвена да го прифати овој манастир во своја јурисдикција.
Извор: https://www.puhtitsa.ee/index.php?view=article&id=378&catid=18 , https://rus.postimees.ee/8006547/glava-mvd-monahinyam-pyuhticy-porvite-s-moskvoy-konstantinopol-russkie-prihody-mogut-pereyti-k-nam