Естонските власти се подготвуваат за судски процес со Естонската православна црква

Соборниот храм „Св. Александар Невски“ на Естонската православна црква (која е автономна црква при Московската патријаршија), во престолнината на Естонија, градот Талин, е општински имот кој го локалните власти ѝ го изнајмуваат на Естонската православна црква. Во иста состојба се и службените простории на Митрополијата и Богородичниот храм во Талин.

Новиот градоначалник на Талин, Евгениј Осиновски, изјави дека новите градски власти сакаат да го раскинат договорот за изнајмување на овие недвижнини на Естонската православна црква и дека се подготвени да ја тужат Црквата доколку таа не се согласи со раскинувањето на договорите за закуп. Градоначалникот на 18 април оваа година на свештениците од храмот им ги испратил документите за раскинување на договорот за закуп на просториите на Митрополијата. Истовремено, шефот на естонското Министерство за внатрешни работи, Лаури Лаенемец, ја омекнува својата позиција и ги негира плановите за прогласување на Црквата за терористичка организација, како и плановите за заплена на недвижен имот.

Градоначалникот Осиновски, кој е потпретседател на Социјалдемократската партија на Естонија, појаснувајќи ги своите претходни изјави за роковите на раскинувањето на договорите, рече дека процесот може да заглави во судовите.

„Градот ќе го чека резултатот [од можниот прекин на активностите во Естонија на структурите кои ѝ припаѓаат на Руската православна црква]. А ако веќе не постои правното лице со кое се склучени договорите за закуп, тогаш договорот веќе не постои. Најверојатно ќе има тужби, ќе ја тужат државата. Процесот може да потрае долго време. Колку долго може да се одолговлекува, не знам. Ние од наша страна сме подготвени да најдеме алтернативно решение за да продолжи Црквата да работи“, рече Осиновски.

На 23 април 2024 година, во храмот Александар Невски во Талин се одржа средба помеѓу претставници на Министерството за внатрешни работи на Република Естонија и Естонската православна црква на Московската патријаршија. Министерството за внатрешни работи го претставуваа вице-канцеларот Раиво Кут, шефот на Одделот за верски прашања Илмо Ау и советникот Ринго Рингвее. Естонската православна црква на средбата ја претставуваа епископот Даниил Тартуски, викар на Талинската епархија, и правникот Сергеј Чуркин.

Претставниците на министерството изразија јасна желба локалната црква да биде целосно независна во своето делување, да не зависи од Московската патријаршија и лично од Рускиот Патријарх. Истовремено, страните се согласија дека овој процес не може да биде брз и дека треба да се остави време. Претставниците на Црквата објаснија дека преземените чекори не треба да ја принудуваат Црквата да ги прекрши нејзините канонски норми. Со ова се согласија и претставниците на Министерството за внатрешни работи, кои потврдија дека во моментов немаат готово решение за Црквата и дека треба заеднички да се бара излез од тековната ситуацијата. Истовремено, тие уверија, повикувајќи се на зборовите на министерот за внатрешни работи, дека додека се бара решение, сите парохии ќе продолжат со активностите на вообичаен начин. Во таа насока, претставниците на Црквата укажаа на тоа дека се ближи крајот на Великиот пост, се наближува Светата недела и празникот Христово Воскресение, кога и свештенството и парохијаните би сакале мирно да се молат и да се подготват за празникот и да немаат непотребни грижи. Ова беше третирано со разбирање.

Претставниците на министерството нагласија дека доколку Парламентот усвои изјава во која Руската православна црква се смета за институција која ја поддржува агресијата на Руската Федерација, тоа нема автоматски да значи никакви санкции против локалната црква.

Претставници на Министерството за внатрешни работи најавија дека имаат намера да ги посетат парохиите за да комуницираат со свештенството и со верниците од секоја парохија.

Извори: https://rus.err.ee/1609316124/jepc-mp-hochet-perevesti-sobor-aleksandra-nevskogo-v-svoe-podchinenie , https://ru.orthodox.ee/news/v-tallinskom-aleksandro-nevskom-sobore-sostoyalas-vstrecha-predstavitelej-mvd-er-i-epcz-mp/ , https://rus.postimees.ee/8003629/tallinn-gotovitsya-k-sudam-s-cerkovyu-startoval-process-razryva-dogovorov-arendy-s-epc-mp