Светиот Синод на Руската православна црква изрази категорично несогласување со одлуката за основање на Романска православна црква во Украина

На 12 март 2024 година заседаваше Светиот архијерејски синод на Руската православна црква. Меѓу другото, на седницата беше расправано и за одлуката на Романската православна црква за основање на „Романска православна црква во Украина“ и за непризнавање на важноста на канонските казни, што им се наложени на свештенослужителите на Православната црква на Молдавија, кои се примени во Бесарабската митрополија на Романската црква без отпусни писма (за што веќе известивме).

„И порано, слични дејствија на Синодот на Романската православна црква, во неколку наврати, добивале праведна канонска оценка од страна на Архијерејските собори и на Светиот Синод на Руската православна црква“ – се наведува во соопштението, а во продолжение, хронолошки, се наведува кога се расправало на таа тема:

  • При донесувањето на одлука на Светиот Синод на Руската православна црква од 22 декември 1992 година во врска со создавањето на Бесарабската митрополија; во однос на ова прашање, Архијерејскиот Собор на Руската православна црква, во 1994 година, ја одобрува позицијата на Претстоителот и на Светиот Синод;
  • На Архијерејскиот Собор во 2004 година, кој со загриженост ја констатирал појавата на сведоштва за ‘обиди за ширење на дејноста на Бесарабската митрополија и надвор од Молдавија, што само може да ја влоши, веќе постоечката, меѓуцрковна напрегнатост’;
  • Во соопштенијата на Светиот Синод на Руската православна црква од 7 ноември 2007 година, во врска со основањето епархии, во состав на Бесарабската митрополија, за територијата на Република Молдавија и на Украина, со седишта во градовите Белци, Кантемир и Дубосари. На тие територии веќе постоеле, законски поставени, православни епископи, а називите на спомнатите градови се содржат во титулите на епархиските архијереи на Православната црква на Молдавија. Во соопштението на Светиот Синод од 7 ноември 2007 година, исто така, се нагласува дека во состав на Јужно-Бесарабската епархија ‘влегуваат поранешните Белгород-Днестровската и Измаилската епархија’. Тоа се области, кои се наоѓаат во составот на Украинската православна црква и имаат епископи, кои се именуваат според називите на конкретните градови;
  • На Архијерејскиот Собор во 2008 година, кој изразува загриженост поради едностраните дејствија на Романската патријаршија, кои ги поткопуваат традиционалните темели на односите меѓу Православните Цркви и содржат закана за православното единство во целина.

Понатаму, се наведува одлуката на Синодот на Православната црква на Молдавија, од 25 октомври 2023 година, за расчинување на шестмина свештенослужители, кои „своеволно преминаа во Бесарабската митрополија на Романската патријаршија, во чиј клир се примени без отпусни писма. Подоцна им беше наложена забрана за свештенодејство, сѐ до нивното покајание, и на други свештенослужители на Православната црква на Молдавија, кои на сличен начин преминаа во Бесарабската митрополија.“

Светиот архијерејски синод на Руската православна црква, „со длабоко жалење, констатира дека спомнатите одлуки на Синодот на Романската православна црква се во директна контрадикторност со свештените канони (11, 12, 31 и 32 канон на светите апостоли; 2 канон на Вториот вселенски собор, 5 и 8 канон на Третиот вселенски собор, 13 канон на Четвртиот вселенски собор, 17 канон на Пето-шестиот вселенски (Трулски) собор, 13 и 22 канон на Антиохискиот собор).“

Понатаму, во соопштението се изразува „категорично несогласување“ со одлуките на Романската православна црква, нагласувајќи дека „во случај на нивна понатамошна реализација, ќе бидат неизбежни тешките последици за меѓусебните односи на Руската и Романската црква, но и за единството на Православната Црква во целина.“

Исто така, се нагласува дека спомнатите свештенослужители, кои преминаа во Бесарабската митрополија, никогаш не ѝ припаѓале на Романската православна црква. Тие добиле свештенички чин во Руската православна црква, а се санкционирани поради „нарушување на свештеничката заклетва и поради други канонски престапи, а никако не ‘поради нивната припадност на Романската православна црква’, на која не можат да ѝ припаѓаат без отпусни писма.“

Во продолжение се наведува 17 канон од Трулскиот собор, според кој никој клирик не може да биде примен во друга епархија без отпусно писмо. Во спротивно, се наложува расчинување и за него и за оној што го примил. На претседателот на Одделот за надворешни односи на Руската православна црква (Волаколамскиот митрополит Антониј) му е наложено да го проучи целокупниот предмет во однос на ова прашање.

„Членовите на Синодот им изразија поддршка на Украинската православна црква и на Православната црква на Молдавија, на нивните Поглавари, на епископатот, на свештенството, на монаштвото и на мирјаните во врска со неканонските посегнувања од страна на Синодот на Романската патријаршија“ – се вели во соопштението од синодската седница.

Извор: http://www.patriarchia.ru/db/print/6110137.html