На Лазарева сабота 43 нови членови беа примени во Православната Црква, во Англија

Фотографија: Џеси Папасава

На 27 април 2024 година, Лазарева сабота, во Грчката православна црква „Дванаесет апостоли“, во Хертфордшир, Англија 43 лица беа примени во Православната вера од страна на Неговото Високопреосвештенство Архиепископот на Тијатера и Велика Британија г. Никита, од Цариградската Патријаршија. Му помагаа Неговото Преосвештенство Епископот Клаудиополски г. Јаков и многубројни свештеници од архиепископијата. Новокрстените успешно ја поминаа седмата сесија на предавањата „Откријте го Православието“, кои ги водеше во текот на девет месеци Преподобниот Архимандрит Нифон (Цималис), протосингел на Архиепископијата.

Оваа сесија на „Откријте го Православието“ започна во септември 2023 година и треба да заврши во мај годинава. Групата вклучуваше 36 возрасни и едно дете кои беа примени преку Светото Крштение и Миропомазание, додека шест возрасни беа примени само со Миропомазание. Новопросветлените православни христијани имаат различни потекла: Велика Британија, Кипар, Бугарија, Грција, Африка, земји од Комонвелтот, од Европа и Азија.

Оваа сесија по катихеза ја следат вкупно сто катихумени. Оние кои не беа примени во Православието на Лазарева сабота, се планира да бидат примени во текот на Пасхалниот период, во различни парохии од Архиепископијата на Тијатера и Велика Британија. До денес, програмата „Откријте го Православието“ има примено во православната вера над 260 верници, за само четири и пол години. По богослужбата на Светото Крштение и Миропомазение, новопросветлените влегоа во црквата носејќи свеќи, за да учествуваат на Божествената Литургија, каде што за првпат ја примија Светата и Животворна Причест.

Пред завршувањето на Литургијата, Неговото Високопреосвештенство му го додели на свештеникот Никодим Ангели протопрезвитерскиот чин, како уважување на неговата смирена и плодна служба. Архиепископот, исто така, им се заблагодари на парохиските свештеници, на настојателот Протопрезвитер Јосиф Палјурас, и на свештеникот Димитрианос Мелекис за нивното гостопримство и широкограда помош.

На крајот на Литургијата, Архиепископот Никита на новопросветлените православни христијани им подари по една икона од Дванаесетте апостоли, како знак на сеќавање на овој посебен ден. Следеше великодушен посен прием организиран од архондот Луис Лизу, претседателот на заедницата, во чест на новопросветлените, нивните семејства и заедницата.

Извор: https://orthochristian.com/159899.html