Епископска хиротонија во Бугарската православна црква

На 27 април, Лазарева сабота, согласно на решението на Светиот архијерејски синод на Бугарската патријаршија, во Велико Трново беше отслужена Архијерејска света Литургија и ракополагање на архимандритот Матеј во епископ со титула Никополски.

На Божествената Литургија чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Великотрновски Григориј, а му сослужуваа Високопреосвештените синодски Митрополити: Николај Пловдивски и Кипријан Старозагорски и Преосвештените Епископи: Велички Сиониј, Знеполски Арсениј, Смоленски Висарион и Велбуждски Исак, и со нив свештеници и ѓакони.

На крајот од богослужбата, Митрополитот Григориј прочита поздравно слово до новиот епископ Матеј, во кое, помеѓу останатото, рече: „Останете во цврста надеж дека преку закрилата на ревносниот Застапник за целиот христијански род – Господ наш Исус Христос и молитвите на светителите кои заблескаа во Никопол и во целата бугарска земја, Бог ќе Ви помогне да ја извршите Вашата нова служба за слава Божја, за доброто на Црквата и за полза на Татковината. Вашата хиротонија, по Божјата волја, се случува на денот на чудото во Витанија – Лазаровото воскресение. Господ го воскреснува својот пријател и тргнува на патот кон Голгота. Нека епископското служење биде возљубено од Вас, така како што Христос го возљуби Лазар. Бидете како Лазар – живеалиште на Светиот Дух и извор на духовна благодат. Бидете и Вие сакан пријател на Господа! Вашето епископство да ја гасне омразата за да ги осветли со Христовата светлина оние кои сè уште одат во темнина, за да можеме со една уста и едно срце да му пееме слава и фалба на Господа Бога, Создателот на сè. Да воскликнеме од радост утре, и дај Боже во текот на среќно православно долголетствие, кон Господа: „ Благословѐн грядӹй во úмя Госпóдне, благословúхом вы из дóму Госпóдня, Бóгъ Госпóдь, и явúся нáмъ“.

Како одговор на ова, епископот Никополски Матеј ја изрази својата искрена благодарност, велејќи: „Семилостивиот Бог денес ми даде дел од Своето земно лозје за да се трудам ревносно. И оваа Негова благодат ја примив на дар, по Неговото бескрајно човекољубие, така што и јас ќе се дарувам себеси во полза на спасението на повереното ми словесно стадо. Нема да го сокријам овој дар во земјата, туку ќе се обидам да го умножам талантот што ми го дал Господ, за да не ги изгубам животворните токови на благодатта и да не станам како неплодна смоква… Сфаќам дека според зборовите на свети Василиј Велики, епископот треба да биде потпора на татковината, украс на Црквата, столб и потврда на Вистината. Затоа, со трпение и надеж во Божјата помош, ќе чекорам по одредениот ми спасителен пат, не изложувајќи го на позор вашиот избор и ракополагањето за епископ на древната Никополска епископија“.

По светата богослужба, свештенството и православните христијани од Великотрновската епархија му честитаа на новиот владика и му посакаа сила и Божја поддршка.

Извор: https://bg-patriarshia.bg/news/hirotonia-na-nikopolski-episkop-matey