Слава на храмот Свети Сава и на Богословијата во Белград

Со света архијерејска Литургија на која началствуваше Неговата Светост Патријархот Српски г.г. Порфириј, храмот Свети Сава на Врачар, во Белград, и Српската православна богословија „Свети Сава“ денес ја прославија својата слава – споменот на палењето на моштите на Свети Сава.

Во своето обраќање на молитвениот собор, Светејшиот Патријарх Порфириј истакна дека нема животни услови во кои не може да се живее со Христа. „Така нè научи Свети Сава, нè постави на тој пат, за со своите молитви и љубов, и со Божја благодат секогаш да Му останеме верни на Христа“ – нагласи патријархот Порфириј.

„Во радоста на Воскресението Христово, во радоста и светлината на победата на животот над смртта, на вистината над лагата и на правдата над неправдата, го славиме и оној кој еднаш засекогаш одлучил и определил и нè упатил да чекориме во тој живот, во таа светлина, со таа вистина и со таа правда водени, а таа правда не е ништо друго туку Самиот Господ Исус Христос. Свети Сава, по Божја промисла, со Божја благодат, но и со неговиот подвиг и труд – бидејќи сè во животот на човекот е резултат на Божјата благодат, со човечки труд – нè вообличил со зборовите на Христовото Евангелие, нè утврдил во православната вера и направил Евангелието да биде она по што ние се препознаваме“ – рече патријархот.

Неговото Високопреосвештенство епископот Топлички г. Петар во својата проповед рече дека Свети Сава, колку и да е српски, тој е и вселенски и небесен.

По светиот евхаристиски собир во храмот Свети Сава, Патријархот во придружба на повеќе епископи ја посети Богословијата Свети Сава, каде што беше срдечно пречекан од ректорот, протоѓаконот Радомир Вруќиниќ, наставниците и учениците на најстарата средношколска установа во Белград.

Претстоителот на Српската православна црква ги благослови славските дарови и го прекрши славскиот колач во присуство на архијереите, бројни свештеници, свештеномонаси и гости, на радост и духовна корист на „оние кои поучуваат и оние кои се учат“.

Со благослов на Неговата Светост Патријархот српски г. Порфириј, параклисот Свети Сава во истоимената богословија, на радост и духовна полза на учениците и професорите, е благословен со присуството на чесните мошти на свети Јустин Ќелиски, Свети Николај Жички, Свети Доситеј Загребски и Свети Платон Бањалучки.

Извор: https://spc.rs/slava-hrama-svetog-save-i-bogoslovije-svetog-save-2/