Средба на Цариградскиот Патријарх Вартоломеј со Финскиот Архиепископ Лео

Фотографија: orthodoxianewsagency.gr

Неговата Светост Патријархот Цариградски г.г. Вартоломеј се сретна во неделата, на 14 април 2024 година, во Фанар со Високопреосвештениот Архиепископ Хелсиншки и на цела Финска г. Лео, кој беше во шестдневна посета на Истанбул од четврток, 11 април до вторник, 16 април 2024 година.

На средбата присуствуваше и финскиот амбасадор во Турција Пирко Хамалаинен.

Двете страни разговараа за повеќе актуелни прашања, меѓу кои и за прашањето за верските слободи во Турција и за повторното отворање на Богословското училиште во Халки.

Покрај тоа, се разговараше за општествени и црковни теми кои се однесуваат на Автономната црква на Финска и Московската патријаршија.

Цариграскиот Патријарх ја истакна важноста на верската слобода и образованието и ја изрази својата поддршка за повторното отворање на Богословското училиште во Халки. Тој, исто така, изрази надеж дека со повторното отворање на училиштето, турските православни христијани ќе имаат подобри можности да ја практикуваат и изучуваат својата вера во својата татковина.

На средбата беше изразена загриженост и за перцепциите на Московската патријаршија за „рускиот свет“, за кои беше истакнато дека „ѝ нанесуваат штета на православната вера“, како и за ставот на Московската патријаршија за војната во Украина.

Средбата се одвиваше во срдечна атмосфера и беше истакната извонредната соработка што постои меѓу Вселенската патријаршија и Автономната црква на Финска.

Финската православна црква е автономна црква во рамките на Цариградската патријаршија. Таа е единствената помесна православна црква што се раководи според грегоријанскиот календар, вклучително и за празнувањето на празникот на Воскресението Христово – Пасха. Тоа ја става во ситуација директно да го прекршува канонот од Првиот вселенски собор кој вели дека христијанската Пасха не смее да се празнува пред, или истовремено со јудејската Пасха. Оваа година, Финската Православна Црква го прослави Велигден на 31 март, пред јудејската пасха, која годинава ќе се празнува од 22 до 30 април. Во иста ситуација во иднина ќе се најдат и другите цркви кои евентуално би го прифатиле предлогот на Цариградскиот Патријарх за празнување на христијанската Пасха според грегоријанскиот календар.

Извор: https://www.orthodoxianewsagency.gr/patriarxeia/oikomeniko_patriarxio/synantisi-oikoumenikou-patriarxi-me-ton-arxiepiskopo-finlandias-sto-fanari/