Прославен споменот на светиот Иринеј, епископ Бачки, исповедник на верата

Во сабота, на 6 април 2024 година, во Соборниот храм „Св. вмч. Георгиј“, во Нови Сад, беше отслужена Литургија по повод празникот на светиот Иринеј, епископ Бачки, исповедник на верата. На Литургијата беше присутен Бачкиот епископ Иринеј.

По задамвоната молитва беа осветени славските дарови во чест на свети Иринеј, чии мошти се наоѓаат во новосадскиот Соборен храм. По отпустот на Литургијата, Бачкиот епископ Иринеј му се обрати на присутниот народ, велејќи:

„Драги браќа и сестри, сакам на сите да ви го честитам денешниот голем празник на нашата локална Црква (тука во Бачката епархија), на севкупната наша Помесна Црква (на Српската Црква) и, се разбира, на целото Православие, бидејќи, со скромно учество на сите нас, Господ прослави еден Свој верен и добар слуга, вистински Божји угодник – светиот Иринеј, епископ Бачки, исповедник на верата. Тој бил подвижник, молитвеник, духовен човек со исклучителна добродетел, добар пастир кој страда и поднесува исповедништво за своето паство речиси до мачеништво, голем богослов на Црквата, мудар и образован, не само со умот, туку, над сѐ, со душата и со срцето. Бог го прославил, и ние, покрај сите други свети Божји угодници, го имаме и него како голем молитвеник пред Бога. Се разбира, тој тоа бил и пред официјалното и свечено вбројување во соборот на светителите, но особено сега тоа е сецрковен настан, факт. Нему молитвено му се обраќаме, бидејќи и тој живеел, се мачел и ги сведочел верата, надежта и љубовта во исклучително тешко време, борејќи се за животите на невино загрозените луѓе, а особено за децата кои страдале, и правејќи сѐ што може за своите ближни. А нема поголема љубов од таа кога некој го жртвува својот живот и е подготвен да го положи за ближните, според Господовите зборови. Значи, поради сето тоа ние му се молиме и во нашево време, кое е речиси идентично. Можеби не можеме да кажеме дека е потешко од неговото, но во секој случај е време полно со бремиња, искушенија и страдања за многумина наши ближни. Неговите свети молитви, со молитвите на Пресветата Богомајка и на сите свети, нека нѐ следат нас, кои ги целиваме неговите свети мошти и молитвено му се обраќаме“.

Извор: https://eparhijabacka.info/2024/04/06/praznik-svetog-irineja-episkopa-backog-ispovednika-vere-u-sabornom-hramu-u-novom-sadu-2/