Свештеник го нападнал Митрополитот Кидониски

Инцидент меѓу еден архимандрит и еден митрополит се случил во Црквата на Архангелите на Цариградската патријаршија, во Истанбул.

Инцидентот се случил на 1 април, годинава, попладне, на видеото кое го објави грчкиот портал „Прото тема“ се гледа како Митрополитот Кидониски г. Атинагора, влегува во црквата и се поклонува пред иконата на Богородица. Поминуваат неколку секунди и, како што се гледа на видеото, се појавува второ лице, архимандритот Хрисант, кој без предупредување почнува да го удира митрополитот.

Веднаш ги разделува трет човек, по што си разменуваат навреди на турски јазик.

Според информациите, двајцата свештенослужители имале меѓусебна расправија за црковно-службени теми кои, за жал, избрале да ги решат внатре во црквата без да земат предвид дека нивното неприфатливо однесување се снима од камерите.

Имено, Архимандритот Хрисант сакал богослужбата да се одржи во 15 часот, додека Митрополитот Атинагора настојувал таа да се одржи во 16 часот. Митрополитот, игнорирајќи ја најавата за во 15 часот, се појавил еден час подоцна и обраќајќи му се на архимандритот му рекол: „Хрисанте, нема да ми требаш, можеш да си заминеш“, по што архимандритот го нападнал митрополитот.

Веднаш по инцидентот, митрополитот Атинагора поднел пријава против архимандритот Хрисант, кого го бара турската полиција.

Се вели дека двајцата лица во минатото имале расправии за различни прашања и предизвикале голема вознемиреност во Патријаршијата.

Извор и видео снимка: https://www.romfea.gr/oikoumeniko-patriarxeio/62521-klirikos-ksylokopise-ton-mitropoliti-kydonion