Преподобна маченичка Колумба

На сликата: Црква во чест на Света Колумба во градот Санта Колома во Андора.

На фотографијата: Црква во чест на Света Колумба во градот Санта Колома во Андора.

Протојереј Златко Ангелески

Црквата го слави нејзиниот спомен на 17 септември
(?-853; Saint Columba of Spain)

Преподобната маченичка Колумба е родена во градот Кордоба, Шпанија. Како млада девојка се замонашила во местото Табанос, во близина на Кордоба, но оттаму била прогонета за време на маварските прогони. Иако нашла привремено засолниште во Кордоба, сепак, муслиманите ја пронашле и побарале јавно да се откаже од Христа и да поверува дека Мухамед е вистински пророк. Откако муслиманите не можеле со никакви средства да ја убедат да ја прими нивната вера, таа била обезглавена. Според преданието, нејзиното мртво тело било фрлено во Гвадалкивир, но благочестивите христијани успеале во последен момент да го спасат од исчезнување и чесно го погребале. Набргу по нејзината смрт, нејзиниот култ се раширил во родната Кордоба, а потоа постепено низ цела Шпанија. Нејзините свети мошти се чувале во Стара Кастиља, каде во нејзина чест имало изградено две цркви, а набргу бил изграден и манастир во нејзина чест, како и кралски манастир во Нахера.

Постои уште една легенда, според која се вели дека, пред да стане христијанка, Колумба била маѓионичарка. Според оваа легенда, еднаш, кога Колумба како млада девојка одела по галицискиот пат, Го сретнала Христос, Кој ѝ се обратил: „Ако продолжиш да бидеш маѓионичарка, ти никогаш нема да влезеш во Моето Царство“. Овие опоменувачки зборови биле доволно убедливи таа да го напушти дотогашниот животен пат и да тргне по патот на подвижништвото и мачеништвото. Оттогаш преподобната Колумба е прифатена како заштитничка на оние, кои пострадале од маѓионичарства.

Според еден патувачки водич од XIX век, во Коимбра имало еден мал параклис, каде што, според преданието, се верува дека таа маченички пострадала. На тоа место, кон крајот на пролетта, младите девојки на Коимбра го прекривале нејзиниот кивот со венци од рози, во спомен на маченичката круна од рози, за која се верува дека ја добила за време на маченичката смрт. Култот на света Колумба во Андора се раширил набргу по нејзината смрт. Во Андора има неколку цркви изградени во нејзина чест. Споменот на оваа преподобна маченичка, Православната Црква го празнува на 17 септември според Јулијанскиот календар.