Жена беше ракоположена во ѓаконски чин на Велики четврток, во Александриската Патријаршија, од страна на Митрополитот на Зимбабве г. Серафим.
Митрополитот Серафим изјави: „Таа ќе го прави сето она што го прави ѓаконот во текот на Литургијата и во сите свети тајни во православните богослужби. Нејзините конкретни должности ќе се однесуваат на посебните потреби на парохиите во Зимбабве. Едно од најважните полиња на работа на ѓаконисите било вршењето на дела на милосрдие. Тие биле ангели на милосрдието и посетители на болните, ужалените и сиромашните жени, кои им ги пренесувале даровите на христијанската љубов. Тие ги посетувале затворените христијани, помагајќи им со сè што можеле“.
Воведувањето на жена во клирот на Православната црква, предизвика бројни реакции, бидејќи таква пракса никогаш не постоела во Православието.
Митрополитот Теолипт Икониски, од Цариградската Патријаршија, коментираше дека „ова ракополагање е понижување“.
Тој објаснува дека чинот на „ѓакониси“ кој постоел во III век, предвидувал поинаков вид на служење во црквата, а не како ѓаконите сега, кои се дел од клирот на црквата.
Во својот коментар Митрополитот Теолипт вели: „Самоволно, една Православна црква реши да врати стара институција, која исчезна во III век од нашата ера. Впрочем, во првите три века Црквата ја имала институцијата ’ѓакониси’, кои во тоа време ги исполнувале должностите, би рекле, на клисар (или прислужник) во Црквата, и главно помагале при крштевањето на жени и извршувале социјални работи. По III век по Христа, кога во Црквата било воведено крштевањето на новороденчиња, институцијата на ѓаконисите исчезнала.“
Тој продолжува со својата оцена и вели: „Што е ова ако не назадување? Православната црква е напредна и се прилагодува на барањата на времето. Никогаш не се враќа назад! Ако предлагачите на оваа институција мислат дека се прогресивни, многу се помрачени.“
Понатаму, Митрополитот Теолипт се осврнува на самото ракополагање: „Друго прашање е начинот на ракополагање на ѓаконисите, којшто нема апсолутно никаква врска со она што се случи во Зимбабве. Нека отворат книги и нека научат за начинот на ракополагање. Ова ракополагање што се случи е унижување до највисок степен на ѓаконското ракополагање.“
На крајот, тој со огорченост забележува: „Сега ни останува уште да ракополагаме, како Англиканците, жени за свештеници и епископи, а поглавар на таканаречената Црква да биде претседателот на републиката на секоја држава, исто како што е кај нив со нивниот крал. И тој да поставува патријарси или архијереи, без избори. Жално за нашето маченичко Православие, во какви времиња живее. Ова е знак на времињата. Да стоиме добро, да стоиме со страв.“
Извор: https://www.romfea.gr/epikairotita-xronika/63226-ikoniou-theoliptos-i-xeirotonia-afti-einai-ekseftelismos , https://www.romfea.gr/patriarxeia-ts/patriarxeio-alexandreias/63216-xeirotonithike-i-proti-gynaika-diakonissa-stin-i-m-zimpampoue