На 21.03.2024 година, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички господин Иларион во сослужение на Неговото Преосвештенство Епископот Делчевско-каменички г. Марко и свештенослужители на МПЦ-ОА, извршија опело над новоупокоениот раб Божји протоереј-ставрофор Николче Ѓорѓев од Штип во Соборниот храм „Св. Николај“ во Штип.
Протоереј-ставрофор Николче Ѓорѓев е роден 03.04.1967 година од благочестиви родители во Штип. Завршил средно богословско образование и дипломирал на Православниот Богословски Факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје. На 19.12.1990 година е ракоположен во ѓаконски чин, а на 07.01.1991 година во свештенички чин од тогашниот Митрополит Брегалнички, а денес Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан. Од 1991 година редовно ја извршува парохиската должност во Соборниот храм „Св. Николај“ во Штип. Во 2002 година е поставен за Архиерејски Намесник на Штипското Архиерејско Намесништво, а на 13.03.2003 година е произведен во Протоереј. На 19.06.2013 година, по одлука на САС на МПЦ-ОА, е одликуван во чин Протоереј-ставрофор (со право на носење на Граден Крст).
На 20.03.2024 година, по кратко боледување, Протоереј-ставрофор Николче Ѓорѓев се упокои во Господа.
Вечнаја памјат и царство небесно да му дарува семилостивиот Бог.