На 21 март 2024 година, г-ѓа Евгенија Сидера, заменик шеф на Мисијата на амбасадата на САД во Каиро, оствари посета на патријаршиското седиште во египетскиот главен град.
Патријархот на Александрија и на цела Африка Теодор II ја прими г-ѓа Сидера во неговата канцеларија, и ја изрази својата радост поради посетата на истакнатата дипломатка на САД, која е Гркинка по потекло. Тој го изрази своето задоволство поради зајакнувањето на соработката меѓу Соединетите американски држави, Египет, Грција и Кипар на поширокиот простор од источниот Медитеран. При тоа, тој ја нагласи благодарноста на Александриската црква кон раководствата на спомнатите држави поради континуираната подршка и помош на нејзината мисионерска, пастирска, хуманитарна и духовна дејност на африканскиот континент. Исто така, тој ги претстави и проблемите, како и произлезените пречки при извршување на таа дејност.
На крај, тој, со зборови на љубов и на благодарност, се осврна кон личноста на Архиепископот на Америка г. Елпидофор (од Цариградската патријаршија), кон помесната Црква која ја претставува, и кон грчкиот свет во Америка, поради неподелената подршка и доверба кон мисијата. Патријархот особено напомна и за неговата конструктивна средба со претседателот на САД г. Џо Бајден, која ја имаше пред неколку години.
Г-ѓа Сидера му се заблагодари на Патријархот за топлиот прием, и ја изрази својата ненамалена подршка кон древната Патријаршија на Александрија и на цела Африка.
Потоа следеше размена на подароци за спомен, па обиколка низ просториите на патријаршиската зграда.
На средбата беа присутни: Птолемаидскиот митрополит Пантелејмон (главен секретар на Светиот Синод на Александриската патријаршија) и г-ѓа Алиса Аалмо Бекер (од амбасадата на САД во Каиро).