Се празнува на 8 март по јулијански календар (21 март по нов календар).
Свети Феликс, просветителот на Источна Англија, беше роден во регионот Бургундија, во Галија, денешна Франција. Тој го приведе кон Христовата вера Сигеберт (или Зигерберт, што значи „светла победа“, чиј спомен се слави на 27 септември), кралот на Источна Англија, додека овој престојуваше во Галија, каде што беше принуден да побегне, за да се спаси од заверите од своите роднини.
Кога Свети Сигеберт беше повикан во својата татковина за да ја преземе круната од своите предци, тој го покани и својот духовен отец, Светиот Феликс, да дојде со него за да му помогне да го преобрати непросветлениот народ во христијанство. Свети Феликс беше ракоположен за епископ во 631 година од страна на Светиот Архиепископ Кантербериски Онориј (чиј спомен црквата го празнува на 30 септември), кој го испрати да проповеда во Источна Англија.
Новиот владика беше доста успешен во својата служба. По седумнаесет години тој го преобрати речиси целиот регион. Тој основаше цркви, манастири и едно училиште за момчиња со помош на кралот Сигеберт, а Светиот Феликс обезбеди учители од Кентербери. Поради ова, некои го сметаат за основач на Универзитетот во Кембриџ. Свети Феликс исто така основа училишта и во Феликсто и во Фликстон, или Феликстон.
За него Светиот Бид Многупочитуван (се празнува на 27 мај) пишува: „Сигеберт, голем христијанин и мошне учен човек… се зафати да ја приведе кон верата целата област, штом дојде на престолот. Неговите напори беа силно придвижени од епископот Феликс, којшто доаѓајќи кај Архиепископот Онориј, од Бургундија, каде што беше роден и ракоположен, откако му кажа што сака, беше испратен да им го проповеда словото на животот на народот на Англите. Неговите, пак, добри желби не беа залудни, зашто овој благочестив земјоделец ожнеја таму голема жетва верници, избавувајќи ја целата таа област (според значењето на неговото име, Феликс – среќен, успешен) од долгогодишното беззаконие и несреќа, и го доведе до верата и делата на праведноста и даровите на вечна среќа. Тој го одреди за седиште на неговата епископија градот Домок, и откако седумнаесет години претседаваше со истата област со епископска власт, ги заврши своите денови таму во мир“.
Свети Феликс се упокои во Господа на кого му служеше целиот живот, во 648 година.