Пленарната седница на Светиот синод на Коптската православна црква се одржа на 07.03.2024 година, во центарот „Логос“ во резиденцијата на Претстоителот на Коптската црква, во манастирот Света Анба Бишој во Вади Натроун, под претседателство на Неговата светост коптскиот Папа Тавадрос II, и со учество на 110 од вкупно 133 членови.
Неговата Светост Папата одржа говор на отворањето на седницата, во кој зборуваше за важноста од плодот во животот и службата на пастирот преку „параболата за бесплодната смоква“ (Лука 13, 6-9).
Главните комисии на Светиот синод ги одржаа своите годишни состаноци, во рок од три дена, почнувајќи од минатиот понеделник во папското седиште во катедралата Свети Марко, во Абасија, и разговараа за доставените извештаи. Синодот издаде свои препораки, кои им беа претставени на пленарната седница, за одобрување.
Во делот на одлуките на Светиот синод од оваа седница е и следната точка:
„По консултација со сестринските цркви од источното православно семејство, беше одлучено да се прекине теолошкиот дијалог со Католичката црква, да се преоценат резултатите што дијалогот ги постигна од својот почеток пред дваесет години и да се воспостават нови стандарди и механизми. за да продолжи дијалогот.“
Во делот на препораките од Светиот синод, помеѓу останатото, читаме:
„Коптската православна црква го потврдува својот цврст став за отфрлање на сите форми на хомосексуални односи, бидејќи тие ги прекршуваат Светото Писмо и Законот со кој Бог го создал човекот маж и жена, и смета дека секој благослов за таквите односи, без разлика на неговиот вид, е благослов за гревот, а тоа е неприфатливо.“
Препораките завршуваат со следната декларација:
„Коптската православна црква се моли за единство на сестринската православна црква во Етиопија и меѓу сите да преовладуваат мир и љубов.“
Во продолжение ја пренесуваме во целост изјавата на Светиот Синод на Коптската црква, во врска со хомосексуалноста, донесена на спомнатата седница.
Став на Коптската православна црква за хомосексуалноста – соопштение издадено од Светиот синод
Бог ги создаде луѓето единствени и уникатни, како што вели Светото Писмо за човечкото создавање: „Тогаш рече Бог: ’Да создадеме човек според Нашиот образ и подобие како што сме Ние“ (Битие 1, 26), што покажува дека Бог од почетокот имал намера луѓето да ја одразуваат Неговата светост, праведност и слобода. „И го создаде Бог човекот според образот Свој, според образот Божји го создаде; машко и женско ги создаде“ (Битие, 1, 27-28).
Ова е верата на Црквата, дека Бог ги создаде луѓето во светост, како машко и женско, и ги врза со светата врска на бракот, бидејќи Тој е свет Бог. „Затоа ќе го остави човекот таткото свој и мајката своја и ќе се прилепи кон жената своја; и обата ќе бидат едно тело“ (Битие 2, 24).
Бог им даде на луѓето слободна волја со цел тие да живеат според Неговата Божествена волја и според Божественото устројство што Тој го воспостави за брак: машко и женско.
Оние кои се борат со привлечноста кон истиот пол, и се воздржуваат од впуштање во сексуални дејствија, се пофалени за нивната борба. Тие сè уште се соочуваат со борба со помислите, со перцепцијата и со привлечноста, како и другите. Меѓутоа, на оние кои се впуштаат во хомосексуално однесување, како и на оние кои прават грев на прељуба, им е потребно вистинско покајание. И на двете групи им е потребна духовна и психолошка поддршка, која се покажала ефикасна во справувањето со несаканите истополови привлечности. Оние кои одбрале да се помират со своите хомосексуални склоности и да се впуштаат во хомосексуални активности, отфрлајќи ги духовното и психолошкото лекување, и избирајќи да ја прекршат Божјата заповед по својата слободна волја, се во полоша состојба од оние кои живеат во прељуба. Затоа, тие мора да бидат предупредени и спречени од заедништво додека не се покајат.
Бидејќи Црквата верува дека Библијата, во нејзините два Завети, е вистинското, валидно слово за сите векови, а таа ги осудува, предупредува и забранува хомосексуалните практики, на пример, свети Павле вели: „Затоа Бог ги предаде на срамни страсти: жените нивни природните потреби ги заменија со противприродни; мажите исто така; оставајќи го природното зближување со женскиот пол, се распалија со желби еден кон друг, и вршеа срамни работи мажи со мажи, добивајќи отплата каква што одговараше на нивната заблуда “ (Римјаните 1, 26-27), и други пасуси како (1. Коринтјаните 6, 9-10), (Левит 18:22), (Левит 20:13).
Затоа, Коптската православна црква го отфрла она што се нарекува сексуална девијација во нејзината сеопфатна општа форма, сите видови на сексуални практики кои се надвор од светата рамка на бракот. Цврсто ја отфрла идејата за културните разлики кои ги оправдуваат хомосексуалните односи под изговор на апсолутна човечка слобода, што предизвикува уништување на човештвото. Црквата, нагласувајќи ја својата целосна вера во човековите права и слободи, исто така нагласува дека слободата на созданието не е апсолутна до степен на прекршување и кршење на законите на Создателот.
Црквата, исто така, ја нагласува својата пастирска улога во помагањето на нејзините чеда кои се борат со хомосексуалните склоности, одбива да ги отфрли, туку им нуди поддршка и помош, што доведува до психолошко и духовно исцелување, положувајќи ја својата доверба во нејзиниот Свет Христос, Кој е способен да лекува, менува и негува и повеќе од она што го бараме или помислуваме.
Извор: https://copticorthodox.church/en/2024/03/07/general-session-of-the-holy-synod-2024-in-logos/